ЧИТАЧОТ

Бернхард Шлинк

(2004, 180 страни)

превод од германски: Ксенија Чочкова

3 Едиција

цена: 299 денари




Читачот спаѓа во оној тип комплексни романи кои отвораат толку прозорци колку што читателот може да поднесе свеж воздух. Психолошки во длабока, филозофски во генерална и незаборавен во буквална смисла, "Читачот" е роман кој не се предвидува, не се претпоставува, ниту пак, се прераскажува,.. роман кој со секоја наредна страница одново и одново ја предефинира наративната маршрута. Тргнувајќи од самиот наслов, ова е роман во кој во ниту еден читачки/читателски миг не се знае накај каде ќе тргне, а камоли каде (и како) ќе заврши "читањето", дури и во жанровска смисла... Одлична лекција за книжевните вообразеници, скептици и неверници кои сметаат дека книжевното писмо не може да изненади.
"Читачот" е роман на два лика меѓу кои е поставен целиот свет на љубовта, на вината, на одговорноста, на моралот, на разбирањето кое само навидум го ублажува престапот. Петнаесетгодишниот Михаел Берг и триесет и шестгодишната Хана Шмиц, студентот по право и обвинетата надзорничка во концентрационен логор,.. писменоста наспроти неписменоста, читањето наспроти слушањето, моралот наспроти вината и одговорноста, едноставната вистина соочена со немерливата сложеност на индивидуалноста... Подведувањето на еден крајно личен, љубовнички однос под капата на универзалните, колективни мерила на вина и казна, "Читачот" го определува како роман-нијансирање меѓу црното и белото, како изнаоѓање трета, рамноправна состојба меѓу доброто и злото, како неизбришлив отсјај на минатото без кој сегашноста не е тоа што треба да биде, но и отсјај на сегашноста без кој е неможна иднината...

Оливера Ќорвезироска



ИЛИ-ИЛИ © 2014 | Авторските права се задржани