КАТЕДРАЛА

Рејмонд Карвер

(2008, 235 страни)

превод од англиски: Весна Петровска и Јана Ничота

цена: 340 денари




Од морето извонредни американски раскажувачи на дваесеттиот век, освен Хемингвеј, врвно место во светскиот кус расказ, секако, заслужува и Карвер. Реалист по определба, американскиот Чехов, како што го нарекуваат Карвер, со не многу долгиот опус, е веројатно најдаровитиот и најуспешен сликар на американското општество од дваесеттиот век. И ништо тука не би било чудно, да не е зачуденоста дека сето ова е остварено со неверојатно ‘штура’ употреба на изразните средства. Значи без користење на ‘големи чувства’, без ништо ромео-јулиовско, без show off умирачки, емоционални катастрофи, убиства, колежи, труења за чии прикажувања соодветно се потребни и големи ‘јазички ломови’, туку напротив, Карвер скромно, дури понекогаш до баналност лежерно, максимално минималистички, со за-него-невидена јазичка ‘скржавост’, маестрално успева да ги ‘фати’, да ги извлече на површина ‘малите чувства’, оние кои го сведуваат расказот на дел од реалноста, на време и место во кое читателот добива впечаток дека може одеднаш да скокне, да влезе и, без поголеми стресови, да се пронајде себеси во една од подготвените, токму за него, улоги. Баш таа ‘малост’ во чувствената хиерархија и лесно достапната, понекогаш дури непријатна близина со наративниот тек, ја чинат блажената големина на оваа прекрасна проза.

Драги Михајловски



ИЛИ-ИЛИ © 2014 | Авторските права се задржани