КОМУНИСТОТ МОНТЕ КРИСТО

Ноеми Сечи

(2011, 394 страни)

превод од унгарски: Златко Панзов

цена: 480 денари




Историскиот роман има голема традиција во унгарската и европската книжевност. Но дали е можно евоцирање на минатото со помош на сатира и иронија? Се чини дека после овој семеен роман на младата писателка Ноеми Сечи, тоа воопшто не е неможно. Авторката со прикажувањето на животот на „својот прадедо“ го води читателот низ бурните настани на унгарската историја меѓу 1919-1957 година. Тој период претставува дел и од унгарската сегашност: оценувањето на скоро сите учесници и настани од тоа време до ден денешен е проследено со жестоки дискусии.

Во однос на промените на политичките системи, кои се евоцираат во романот и кои во многу аспекти донесоа радикални пресврти, читателот има чувство дека историјата на XX век во суштина е повторување на едни исти случувања. Помеѓу зајадливата иронија и сатиричниот црн хумор, авторката ги оживува сите верувања, опсесии и предрасуди на двете политички опции (десната и левата). Оти, што е всушност историјата? Таа е истовремено и историја на тие верувања, опсесии и предрасуди. Или, како што вели самата Сечи, "Историјата за мене е неисцрпен извор на необични судбини, а од друга страна една, речиси, сатанска законитост. Ние тука, во Европа на 21. век, сме способни колку-толку да се одбраниме од демонската сила на политиката, а мене токму поради тоа ме интересираат други, минати времиња, оти тогаш тоа уште не беше можно, а токму таа темна сила може да се активира во текстот".



ИЛИ-ИЛИ © 2014 | Авторските права се задржани