НЕНАСЛОВЕНА МЕСЕЧЕВА СОНАТА

Давор Стојановски

(2013, 393 страни)



цена: 330 денари




Млад и непознат писател со афинитет да напише значајно дело, еден ден случајно налетува на веќе објавен роман со наслов „Ненасловена месечева соната“. На негово големо изненадување, како автор на романот е наведено токму неговото име; а како уште поголемо изненадување – романот дури и разработува една тема што тој долго време ја чувал во себе и планирал да ја напише, иако никогаш вистински не го сторил тоа.

Писателот го разлистува романот и увидува дека е составен од два кратки раскази наречени „Сонување“ – едниот на почетокот, другиот на крајот – кои претставуваат рамка во која се сместени уште и: роман-пролог, два поголеми романи и една белешка од приредувачот.

Првата романескна приказна ја раскажува несреќната судбина на Даниел и Матилда, кои по еден трагичен настан остануваат без своите ќерки.
Еден ден, Даниел наоѓа бебе напуштено покрај депонија и се одлучува да го земе со себе. Тој го вдомува бебето и покрај негодувањето на својата сопруга, без да го пријави во надлежните институции, сметајќи го како свое изгубено дете.

Втората романескна приказна ја следи судбината на начитаниот и повлечен Јон, кој е израснат во јавна куќа. Јон среќава девојка, Сандра, која го запрепастува поради речиси идентичниот изглед со учителката по пијано од неговото детство – неговата прва телесна и духовна привлечност. Набргу, Јон се опседнува со Сандра и почнува да ја следи.



ИЛИ-ИЛИ © 2014 | Авторските права се задржани