Елизабета Баковска (1969). Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Преведува, пишува поезија, проза, раскази за деца и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на повеќе јазици.
Објавени книги:
Житие на нашата љубов, поезија (Маседониа Прима, 2003)
Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта, раскази (Блесок, 2004)
Состојби на духот и телото по триесеттата, поезија (Блесок, 2005)
На пат кон Дамаск, роман (Слово, 2006)
Варварите сè уште пишуваат поезија, поезија (самостојно издание, 2015)
Сопствена соба, сопствено гето: женското писмо во современата македонска проза, книжевна теорија/критика (самостојно издание, 2016)
Тринаесет осврти за книжевни и слични дела, книжевна критика (Блесок, 2018)
Последните голтки: раскази за суштински нешта, вторпат, раскази (самостојно издание, 2018)
-
Во главата слушам песна
„Кратките раскази (кратки кратки раскази, микрораскази или микрофикција, како што би можеле да се наречат) во збирката Во главата слушам песна (лирски рефрени) – внимателно структурирани, уметнички ефективни и емотивно топли – издвојуваат значајни лични моменти од животот на авторката и откриваат аспекти и односи кои обично се затскриени или чии импликации не се видливи сè додека самите раскази не ги откријат нивните потенцијални значења… тие не само што раскажуваат приказна, туку претставуваат и размислување за можните значења на настанот опишан во приказната, каде што доаѓа до израз и емпатијата на авторката и способноста да ја преземе на себе, а со тоа и да ја сфати, перцепцијата на другите…“
Калина Малеска