Два романа од Дарко Цвијетиќ, ново во едицијата „ПРОаЗА“
Драги читатели,
со радост Ве информираме дека следната недела од печат ќе излезат преводите на двата романа од босанскиот писател Дарко Цвијетиќ, „Шиндлеровиот лифт“ (превод на Елизабета Баковска) и „Зошто наземи спиеш“ (превод на Калина Буневска Исаковска). ОБјавувањето на „Шиндлеровиот лифт“ е поддржано од книжевната мрежа „Традуки“.
Дарко Цвијетиќ (1968, Љубија Рудник) е босанскохерцеговски прозаист, поет и режисер во театарот во Приједор. Има објавено десетина стихозбирки, две збирки со кратки раскази и три романи. Во театарот режирал од Бекет до Чехов, а ги глумел Раскољников, Новски, Естрагон… Член е на ПЕН центарот на БИХ, на Друштвото на писатели на БИХ и на Хрватското друштво на писателите. Со својот препознатлив јазик и емпатија кон „малите луѓе“ на историјата, Цвијетиќ е еден од највлијателните современи гласови на босанската и регионалната литература. Неговите книги се преведени на десетина светски јазици, а себеси се смета за постјугословенски писател.
За романот „Шиндлеровиот лифт“ ги доби наградите „Кочиќево перо“ (Бања Лука/Белград), „Фриц“ (Мирослав Крлежа) за најдобра прозна фикција во Хрватска во 2019 година, како и актуелната книжевна награда на централна Европа „Ангелус“ (2025) во Вроцлав. Според мотивите на овој роман во „Камерен театар 55“ во Сараево е направена истоимената претстава во режија на Кокан Младеновиќ.
Романот „Зошто наземи спиеш“ беше финалист за НИН-овата награда во 2020 година. Според мотивите на овој роман во копродукција на театрите Гавела, Српскиот народен театар од Нови Сад и Народниот театар од Сараево е направена истоимена претстава во којашто улогата на Дарко Цвијетиќ ја игра авторот.
Доколку требаше да се напишат искуствени книги за крвавата војна во поранешна Југославија низ призмата на обичниот човек, тогаш тоа се романите на Дарко Цвијетиќ, кој неформалната книжевна трилогија ја заокружи со романот „Премногу ми е тоа. Осум девојчиња“ (2024), кој, се разбира, ИЛИ-ИЛИ ќе го објави следната година.

КРЕАТИВНА ЕВРОПА