„Ноември“, прва стихозбирка од Игор Анѓелков
Есента во ИЛИ-ИЛИ, како никогаш досега, дефинитивно и’ припаѓа на поезијата!
По книгите од Исаковски, Пејчинова, Господинов… оваа „поетска есен“ ќе ја заокружиме и со дебитантската стихозбирка на Игор Анѓелков симболично насловена „Ноември“.
Книгата излегува на 5 ноември, на роденденот на авторот, и таа е негово 12-то објавено издание, по седумте прозни и четирите филмско-есеистички дела.
„Ноември“ содржи дваесет песни поделени во три циклуси: „Револуција“, „Љубов“ и „Под небо во боја на бамји“. Авторот за својата прва поетска објава се шегува дека е „тешко да се стане поет на 50+“, образложувајќи во поговорот зошто се одлучил на ваков потег:
„Речиси секој писател својата пишувачка активност ја започнал со песни. Тоа е детерминирано од образовниот процес, при што во светот на пишаниот збор влегуваме токму преку поезијата за деца. И навистина, моите први обиди беа поетски. И не само тоа ‒ мојата прва официјална објава во сериозно списание беше „нешто што наликува на поезија“, а се случи пред три децении, со што само ми се потврди тезата дека речиси секој раскажувач започнува со пишување поезија.
Како аргумент плус, се сетив и дека поезијата се провлекува низ сите мои прозни дела. Во првиот роман „Крај-пат“ еден од ликовите е музичар што пишува прекрасни балади и чијашто поезија е составен дел од приказната. Поднасловот на мојот втор роман „Фото синтеза“, пак, е многу поетичен: „под небо во боја на бамји“, и тоа со години „плачеше“ за понатамошна разработка. Подоцна, во збирката раскази „Двојна експозиција“, се провлекува песната „Уморен“, на која многу читатели реагираа пофално, бидејќи е слика и прилика на времето во кое живееме. Сето ова ми создаде мисла дека можеби навистина е време за објавување на првата стихозбирка“.
Драги читатели, Ви посакуваме моменти на уживање и добра промисла во зрелите песни на Игор Анѓелков 😉

КРЕАТИВНА ЕВРОПА