Шармантната, хумористична и уникатна Илина во нова авантура
Драги читатели,
со радост ја најавуваме новата книга во едицијата за деца и млади „И ете приказна“. По „Илина и шумските тролови“ која наиде на одличен интерес, еве ја нашата хероина во нова авантура насловена „Илина и тајните на Бабин заб“. Книгата на Хана Корнети, која е втор дел од најавената трилогија, од печат излегува утре, сабота, 15 ноември.
„Во книгата повторно навлегуваме во двојниот живот на Илина: оној обичниот, дома и на училиште, и оној волшебниот, каде полека ја сфаќа комплексноста на што е тоа да се биде вештерка. Во двата света, авторката внесува нови комплексни слоеви, приказни и ликови кои ќе ги инспирираат читателите да размислуваат и, особено за децата, да се чувствуваат помалку осамени во предизвиците на растењето, семејниот живот и самоспознавањето.
Илина е истото умно и пресамоуверено девојче во кое се заљуби читателската публика. Тука е можеби малку позрела, зацврстувајќи го местото на овој серијал во традицијата на „Bildungsroman“ или на „Coming of age“ приказна“, вели уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ.
Се надеваме дека враќањето во волшебниот свет сугестивно раскажан од Хана Корнети во кој шармантната, хумористична и уникатна главна хероина Илина нуди безброј нови доживувања, со нетрпение го очекуваат и децата и возрасните, барем оние што се’ уште го негуваат детето во себе.

КРЕАТИВНА ЕВРОПА