Роден 1979 година во Скопје. Дипломира и магистрира на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје 2006 година, оддел сликарство, под менторство на проф. Симон Шемов. Остварува неколку самостојни изложби во Скопје, Париз, Њујорк и учествува на повеќе групни изложби низ светот. На издавачки план има неколку стрипови зад себе, како „Патенталија и Тентелина“, „КШШЦ“, „Џукела и Пацоф“… а во 2022 година го објави и романот „Градски деца“.
-
(До)Живеј го Скопје
Книга со скопски графити од последниве пар декади!
Откако заклучија дека со години ги колекционираат пораките и цртежите на скопските ѕидови, Богдановски и Анѓелков решија да ги спојат креативните сили и да го замрзнат времето во книже полно со радости.
„Графити, некои ги сметаат за вандализам, нагрдување на јавните и на приватните објекти, други, пак, како уметнички израз или улична уметност, еден вид на социјална комуникација преку пораки и мисли испишани по ѕидовите. Што е точно од ова ќе остане уште долго во дискусија, но непобитно е дека графитите се еден феномен, кој опстојува во урбаните средини, особено во големите градови. Скопје, иако можеби не е многу голем град, неговите ќошиња и фасади се носачи на овие привремени пораки, веќе со децении“.
Матеј Богдановски
„Матеј беше клучниот човек кој еден ден ми пиша дека би било добро да издадеме нова графити-книга за Скопје. Книгата наиде на голем интерес уште за време на промотивниот период, затоа што претставува артефакт за едно време низ кое сме поминале со будно отворени сетила, читајќи ги пораките на современиците врз ѕидовите околу нас, кои неретко нè замислувале, но и нè засмевале. Отсекогаш сум ги обожавал графитите како слободна форма на изразување, бидејќи приказната е толку едноставна: имате ѕид, имате спреј во раката, добра мисла или талент за цртеж и магијата се случува веднаш, тука и сега. И не ви треба ништо повеќе!“
Игор Анѓелков