Прикажани се 9 книги

  • Збунети компаси

    Збирката поезија „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски се состои од пет циклуси песни кои градат многу занимливи меѓусебни врски, но и деликатни, дискретни, а суштински врски со претходното поетско творештво на Анчевски. Првиот циклус ги поставува поетичките начела и креда на поетот, а четирите циклуси што следат ги разработуваат истите во најразлични детали, ситуации и контексти. Завршниот циклус, пак, наместо да прави заклучоци и поетски „резимеа“ на изнесените начела, всушност, многу умешно и мудро, го враќа читателот на почетокот и бара нов прочит на книгата.

     

    Збунети компаси е отстојана збирка во најубава смисла на зборот. Раскошна лексика, прибирање на загубените зборови и чување во песна. Нема поубав начин од тоа за еден јазик. За едно пеење. Ибришими, коткања, забели… и едночудо други лексички длабења во слоевиот поетски јазик“.

    Оливера Ќорвезироска

    200,00 ден
  • Гранична состојба

    „Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања кои ги поставува актуелниот миг, и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска. Од друга страна, наспроти овие одлики-константи, тоа е поетика која низ годините, од првообјавата „Рожби“ пред скоро три децении, па сè до денес, постојано се метаморфозира и развива, и сега е дојдена до степен на потполна отвореност кон фактографското, кон наративното, кон промислување на суштествувањето низ поетското создавање. Согледана во таа развојна низа, „Гранична состојба“ претставува една од кулминативните точки во творечкиот опус на Димковска“.

    Гоце Смилевски

     

    *Стихозбирката е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 2021 година

    200,00 ден
  • Однадвор и однатре

    „Никола Бувје (1929-1998), патописец. Го пропатува Ориентот, Цејлон, Балканскиот Полуостров, Јапонија, а потоа Ирска, и ни остави дузина книги. Како книжевен номад, Бувје спозна „мигови на неподносливи празнини“.

     

    „Однадвор и однатре“ е единствена збирка поезија од Никола Бувје, објавена за првпат во 1982 година, шест години пред неговото заминување од овој свет. Поезијата е, поточно кажано, прашање на повлекување и на запирање…“

    Емануел РЕМБЕР

    150,00 ден200,00 ден
  • Ти, моја безмилосна една!

    „Кога еднаш поезијата ќе те бакне в чело, кога еднаш ќе те фати магијата, кога ќе ја вкусиш сладоста во стихот, пуштање веќе нема, нема враќање, нема раскрстување. Ако поетесата Љупка Антеска во својата книга „Отвори ги очите“ ѝ се обрати на поезијата со наредба или молба: „Поезијо, остави ме!“, Цветанка Колева помирливо, прифатливо, како мајка ѝ вели „Ти, моја, безмилосна една!“. Тој близок, личен однос не произлегува само од арспоетиката, туку повеќезначно се обраќа и сама на себе, но и на секој доволно љубопитен и храбар да влезе во овој поетски свет. Колева е стамено изграден поетски глас, кој не наликува на ниту еден друг глас на поетската сцена, и тоа прави да е вистинско освежување и радост за сладокусците кои се желни да истражуваат и да се радуваат како деца кога ќе пронајдат вакво богатство“.

    Снежана Стојчевска

    200,00 ден
  • Средни години

    Алеш Мустар со пораките и уметничката вредност на својата оригинална автопоетика, со оваа збирка претставува неповторлив глас во словенечката поезија.

    Жири за наградата „Вероника“

    Поетскиот глас е разбирлив, непосреден и емотивно обележан, а уште една одлика на авторот е високата мера (само)иронија, црн хумор, па и цинизам од една, како и остра општествена критичност од друга страна.

    Кристина Слуга, „Букла“

    На „Средните години“ на Алеш Мустар нема што да им се забележи. Кон тоа најмногу придонесуваат комуникативната дикција, неприсилената поетска градба и крајно луцидната иронија на неговата поезија.

    Мартина Потиск, „Содобност“

    150,00 ден200,00 ден
  • Напишана тишина

    „Јосип Коцев ѝ припаѓа на најмладата македонска поетска генерација дебитирајќи со поетската збирка „Јас, Квентин Скриблер“ во 2015 година. И пред и по поетската збирка, поетот објавуваше и објавува стихови, песни и поетски мисли, пред сѐ на социјалните мрежи, па на некој начин читателите го доживуваат како поет-самотник, безгенерациски поет, во целост посветен на љубовната лирика, кој во мигот кога ја креира, и ја споделува со читателите. Моето воодушевување од првиот прочит на стиховите на Јосип Коцев трае континуирано со секоја негова нова прочитана песна. Поетскиот ракопис „Напишана тишина“ само го потврдува огромниот поетски талент на Коцев, поет каков што во историјата на една национална книжевност, буквално се раѓа ретко, и токму затоа треба да направиме сѐ за да може и да расте и да се развива на најдобар можен начин“.

    Оливера Ќорвезироска

    250,00 ден
  • Голтка восхит од солзите на вечноста

    „Можеби некој во поезијата на Русјаков ќе препознае далечен одек од она што некогаш се нарекуваше „граѓанска“ или „ангажирана поезија“. Сеедно. Но, таа не го содржи во себе нивниот идеолошки идеализам, витализам и поента или децидна порака за хуманизам и етика. Таа, според нас, е најблиска до битничката позеија, која повеќе децении беше хит на Западот, а и денес не пресушила. Битничката поезија значеше бунт против истрошената и брутална капиталистичка цивилизација, која за најголема вредност го прогласи капиталот, а за најголема филозофија, филозофијата на материјалниот профит”.

    Ефтим Клетников

    150,00 ден200,00 ден
  • Клупа меѓу светови

    Втората поетска збирка „Клупа меѓу светови“ на Горана Митровиќ во која поетскиот субјект, тој „осамен нудист на брегот на изложените чувства“ со автентичен, бескомпромисен и човечки глас изјавува: ја знам единицата мерка за сопствената сила/ на крајот сум или на почетокот?!/најчиста бев кога изгубив сè/правиме плетенка од нашите судбини/во кругот сум/песни претворени во некролози/градот ми беше пружена дланка па сепак, брзав дома за да се осамам/убав е нашиот кревет кога не сме во него и др. заслужува да се прочита во целост за да се открие контекстот и суштината не само на посочените стихови туку и на секоја песна пооделно. Во свет во кој или животот и смртта нè лажат или се самозалажуваме, песните на Горана Митровиќ се песни „со кои се учи вистината“.

    Лидија Димковска

    100,00 ден200,00 ден
  • Црно на бело

    Црно на бело е досега веројатно најзрелото книжевно остварување на Лидија Димковска; длабока и по својот дострел – универзална, а концепциски – заокружена и автентична книга достојна на 21 век, која извонредно му прилега и му парира со својот неслучајно апокалиптичен дух и темно обоен сензибилитет!“

    Елизабета Шелева

    „Во најновата стихозбирка на Лидија Димковска, со наслов „Црно на бело“, стануваме сведоци на еден поетски свет кој нè соочува со реалноста, преку раздробувањето на баналноста на секојдневието и тргнувањето во потрага по смислата на постоењето. Димковска ја изнесува преку својата поезија суштината и кога преку стиховите говори за јас и за најличното, и кога говори за Другиот и за најуниверзалното“.

    Гоце Смилевски

    „Ова не е најдобриот поетски глас на Лидија Димковска, ова е најдобриот поетски глас на современата македонска поезија. „Црно на бело“ е и аманет, и тестамент, и амајлија,.. а најмногу од сѐ е, сепак, и ѓердан и нож за вратот на виновниците и љубовниците“.

    Оливера Ќорвезироска

    200,00 ден