Напишана во класичен и во слободен стих, поезијата на Пејчинова е посветена на невидливото: на природата и сенките, на патниците и пределите, на миговите и соништата, на молчеливите нешта кои се светилишта на суштина. Во спој на лирика и метафизика, хумор и духовност, љубов и смртност, збирката отвора премин меѓу светови: сонот и јавето, живиот и неживиот свет, митот и современоста, минливоста и вечноста.
Циклусите на пропаст и препород течат низ страниците како плима и осека: „Врз урнатини градиме. Секогаш така.“ Секој пад е и лет, и обратно – дел од истото движење кое го владее светот, под привлечната сила на „двојна тежа“: онаа на Земјата и онаа на убавината и на духот. Телото е и рана и оружје, и архаична сила на плодност, смрт и спознание. Морето и сонот се и место на потекло, и праг на уништување кое води кон препород.
Оваа поезија е и засолниште и манифест на сè што е тивко и суштинско. Ние сме „чувари“, градители, создатели на убавина, но и нас нешто нè чува, гради и преобразува.
Чувари на малите нешта пее со меланхолична, „тврдоглава“ верба. Со едноставен јазик и со нежна метафизичност, стиховите на Пејчинова нè повикуваат да сопреме во овој бучен, забрзан свет, да се завртиме кон невидливото и да го сочуваме, како што тоа, невидливо, нè чува нас.

КРЕАТИВНА ЕВРОПА







