Ноември

Од (автор)Игор Анѓелков

200,00 ден

Воздух

во тишината на собата
дишам
во темнината на собата
дишам
и кога облакот
минува низ месечината
темнината влегува во мене
но јас и натаму
гласно дишам
бидејќи знам дека
светилникот во далечината
ќе засјае
посилно од Сонцето

ја држам главата
над водата
и не заборавам
да земам воздух
гласно дишам
слушајќи ја распараната утроба

облаците ја откриваат
Месечината
светлината ме гали
по лицето
дишам
длабоко земам воздух
и се сеќавам
на сите страданија
што ги преживеав
на сите отпечатоци на ѕидот
како неми сведоци
на нашиот бродолом

и сите прашања
водат кон нови
слепи улици
кон конфузија
и недоумици
се чувствувам
како Дон Кихот
во борба со
напуштени ветерници

сѐ што ми останува е
да дишам
да се обидам
да дишам
длабоко да земам воздух
додека го полниш куферот
ја затвораш вратата
и заминуваш
засекогаш

ШИФРА: 605
Едиција:
Автор/ка

Број на страници

66

Година на издавање

2025

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Со години наназад активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на интернет страницата „herojnaedenden.mk“.

Официјалното книжевно деби го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“, потоа следеа романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020) (последните два беа финалисти за „Рациновото признание“), втората збирка раскази „Двојна експозиција“ (2022), и уште два романи, „Мина“ (2023) и „Ветрилиште“ (2024). Во 2025 година Анѓелков ги реиздаде своите први три книги во едно издание насловено „Кротко-крајпатни синтези“.

Анѓелков зад себе има и четири дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015, Државна награда за публицистика „Мито Хаџивасилев – Јасмин“), „Филмски град“ (2018), „Филмотопија“ (2022) и „Филмско око“ (2025).

По книгата едноставно насловена „Графити“ (Темплум, 2005), осумнаесет години подоцна, во соработка со Матеј Богдановски, го објави и изданието со скопски графити „(До)Живеј го Скопје“ (2023).