Совршен поет

1.000,00 ден

 

„Издавачката куќа „Или-или“ го објавува ова, во многу аспекти и поради многу причини, посебно и капитално дело: собраните стихови на поетот, прозаист, уредник и преведувач Игор Исаковски (1970–2014). Овој извонреден издавачки потфат се случува десетина години по ненадејната и прерана смрт на Игор, во годината кога тој ќе наполнеше педесет и пет години. Можеби ќе звучи сувопарно ако овој текст го започнам со редење биографски податоци, но во случајот на Игор, тоа е еден неопходен вовед за ние што го знаеме накратко да се потсетиме, а оние што не го знаат барем малку да видат колкава беше фуриозноста и големината на неговата креативна сила, и колкав беше обемот на неговото дело (…)

Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“ (…)

Го завршувам своето препрочитување со мислата дека сите зборови собрани овде се всушност една голема света книга, послание за еден фанатичен поетски аџилак, за една целоживотна потрага по душата и во душата на еден поетски аскет, на еден совршен поет“.

Елизабета Баковска

Автор/ка

Број на страници

707

Година на издавање

2025

Игор Исаковски (1970-2014) е еден од најмаркантните претставници на генерацијата од шеесетите и седумдесеттите години во македонската поезија, и како што пишува и рецензентката на ова издание, Елизабета Баковска, „иако неговото поетско писмо е генерациски вгнездено и обоено, тоа успева да ги надмине временските и просторните ограничувања и ги допира и децата на новите транзициски времиња“, но истовремено „неговото поетско писмо, иако интимно, во голем дел е натопено и со автореференцијален (книжевен и уметнички) активизам, зашто тоа повикува на постојана полемика токму за суштината и важноста на поезијата“. Повеќе за него, стиснете на линкот од името на авторот.