„Двојник“ на Наоми Клајн на македонски јазик

Деновиве во есеистичката едиција ќе го објавиме преводот на книгата „Двојник“ на наградуваната авторка Наоми Клајн. Поднасловена „патување во светот на огледалата, ова е смела и навремена книга за светот во кој живееме, свет во кој лажните слики лесно стануваат вистина, а вистинските опасности остануваат незабележани. Клајн нè повикува да погледнеме подлабоко во огледалото и да се запрашаме не само кого гледаме од другата страна, туку и во какво општество се претвораме.

Што се случува кога ќе се погледнеме во огледало и повеќе не сме сигурни што гледаме? Во Двојник (Doppelganger), Наоми Клајн нè води на провокативно и вознемирувачко патување низ светот на двојниците, теориите на заговор, дигиталните идентитети и политичката поларизација. Поттикната од необичната појава луѓето да ја мешаат со друга позната авторка, Клајн истражува како светот на интернетот ги замаглува границите меѓу вистината и лагата, левицата и десницата, реалноста и нејзиниот искривен одраз. Преку личното искуство, политичката анализа и острата сатира, таа открива како стравот, гневот и чувството на отуѓеност ги хранат новите облици на екстремизам.

Наоми Клајн е наградувана канадска новинарка, авторка и документаристка, позната по своите критички анализи на глобалниот капитализам, корпоративната моќ и климатската криза. Нејзините книги се преведени на повеќе од 35 јазици, а меѓу најпознатите се No Logo, Шок-доктрина, Ова менува сè и Двојник (Doppelganger). Со своето влијателно дело, Клајн се наметна како еден од најпрепознатливите гласови на современата критичка мисла и борбата за социјална и климатска правда. Таа е професорка по климатска правда на Универзитетот на Британска Колумбија и коосновачка и кодиректорка на тамошниот Центар за климатска правда. Редовно објавува колумни во британскиот весник Гардијан.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна