„Како мал, од библиотеката ги одбирав само книгите напишани во прво лице, затоа што знаев дека таму јунакот нема да умре. Е па, оваа книга е напишана во прво лице и покрај тоа што нејзиниот вистински јунак умира. Преживуваат само раскажувачите на приказни, но и тие еден ден ќе умрат. Преживуваат само приказните. И градината, која татко ми ја имаше засадено, пред да си замине.“
„Градинарот и смртта“ е топол, интимен, лиричен, фрагментарен роман-мемоар во кој авторот пишува за тивката љубов што ретко се изговара, но е многу длабока – љубовта меѓу таткото и синот.
„Татко ми беше градинар. Сега е градина.“, една од неговите најцитирани реченици, е мисла што ја поставува основната метафора на делото: градината како говор на љубовта што никогаш не била изговорена.
Преку белешки, филозофски размисли и лирски сеќавања, книгата зборува за тагата, смртноста, семејните врски и наследството што го носиме. Овој краток, но длабок роман е нежна медитација за смртта, татковството и за „ботаниката на тагата“ – уверувањето дека како растенијата, така и љубовта, понекогаш умираат само за повторно да никнат.

КРЕАТИВНА ЕВРОПА











