Автор/ка | |
---|---|
Година на издавање | 2016 |
Број на страници | 76 |
Превод/Препев | / |
Црно на бело
200,00 ден
„Црно на бело е досега веројатно најзрелото книжевно остварување на Лидија Димковска; длабока и по својот дострел – универзална, а концепциски – заокружена и автентична книга достојна на 21 век, која извонредно му прилега и му парира со својот неслучајно апокалиптичен дух и темно обоен сензибилитет!“
Елизабета Шелева
„Во најновата стихозбирка на Лидија Димковска, со наслов „Црно на бело“, стануваме сведоци на еден поетски свет кој нè соочува со реалноста, преку раздробувањето на баналноста на секојдневието и тргнувањето во потрага по смислата на постоењето. Димковска ја изнесува преку својата поезија суштината и кога преку стиховите говори за јас и за најличното, и кога говори за Другиот и за најуниверзалното“.
Гоце Смилевски
„Ова не е најдобриот поетски глас на Лидија Димковска, ова е најдобриот поетски глас на современата македонска поезија. „Црно на бело“ е и аманет, и тестамент, и амајлија,.. а најмногу од сѐ е, сепак, и ѓердан и нож за вратот на виновниците и љубовниците“.
Оливера Ќорвезироска
Лидија Димковска (1971, Скопје) завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија. Преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.
Досега ги објавила поетските збирки: „Рожби од Исток“ (заедничка со Борис Чавкоски) 1992, награда „Студентски збор“; „Огнот на буквите“ 1994; „Изгризани нокти“ 1998; „Нобел против Нобел“ 2001, второ издание 2002; „Идеална тежина“, избрана поезија, едиција „130 тома македонска книжевност“ 2008; „pH неутрална за животот и смртта“ 2009. Нејзините поетски збирки се препеани на англиски, германски, словенечки, романски и полски јазик, а песните ѝ се застапени во светската периодика на повеќе од двасетина јазици. За својата поезија ја добила германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, а била номинирана и за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“.
Ги објавила романите: „Скриена камера“ 2004, награда „Стале Попов“ на ДПМ, второ издание 2014; „Резервен живот“ 2012, второ издание 2013, трето издание 2015, награда „Стале Попов“ на ДПМ и Награда за книжевност на Европската унија. Нејзините романи се објавени на повеќе светски јазици. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот.
„Црно на бело“ е нејзина шеста поетска збирка.
Коментари на клиенти
Сè уште нема коментари.
Само најавените клиенти кои ја купиле оваа книга може да остават коментар.