„Неизбежно“, нов роман од Снежана Младеновска Анѓелков

Драги читатели,

во пресрет на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, Ве информираме дека во петок од печат излегува новиот, петти роман од Снежана Младеновска Анѓелков, насловен „Неизбежно“. По тој повод, веќе утре, в сабота од 12 до 15 часот во книжарницата „Или-Или“, читателите ќе имаат можност за средба со авторката, која ќе ги потпишува првите примероци од романот. Сликата и дизајнот на корицата се на Никола Пијанманов, а техничката подготовка на Марија Смилевска.

Во пресрет на Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и девојчињата, Обединетите нации го одбележуваат 25 ноември со цел да се подигне свеста за родово базираното насилство, токму она со што се занимава и писателката во нејзината нова книга.

„Неизбежно е роман којшто преку приказната за личната судбина на една жена отвора пошироки прашања за насилството, моќта, слободата и одговорноста на поединецот, но и за општествените механизми што овозможуваат насилството да се повторува и да опстојува. Романот отвора едно од најтешките прашања на современото општество: како насилството постепено го освојува личниот простор на човекот, ја нарушува неговата самодоверба и ја ограничува способноста да го препознае сопствениот живот како простор на слободен избор. Приказната за Валерија не е само приказна за една жена изложена на семејно и партнерско насилство, туку и сведоштво за механизмите преку кои насилството се одржува, се нормализира и се поврзува со пошироките општествени односи на моќ“, пишува проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева во поговорот од книгата.

„Неизбежно е книжевно дело со изразена современа релевантност. Неговата вредност не е само во изборот на тема што бара општествено внимание, туку и во начинот на кој таа тема е претворена во комплексна книжевна приказна. Преку индивидуалното искуство на Валерија, романот ги поврзува личната траума, родовата нееднаквост и институционалната моќ, покажувајќи дека насилството не може да се разбере само како проблем на приватниот живот“, поентира рецензентката.

Снежана Младеновска Анѓелков (Скопје, 1977) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година. Како авторка е вешта во автобиографска документарна проза со силен личен печат и нетипично женско сценарио, кое не се вклопува во однапред сфатени претстави.

Нејзиниот прв роман, „Единаесет жени“ (2011), ја доби наградата  „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истиот потоа доживеа четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“. Нејзиниот трет роман, „Луѓето, а не градот“ (2022) е слоевито, хибридно дело, документарна проза посветена на Скопје кое веќе не постои. Во 2024 година го објави романот „Јод“, своевидна вивисекција на денешното општеството. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“.

Нејзиното творештво е објавено во значајни антологии  како „Revija malih knjizevnosti“ (2013) Udruga za promicanje kultura ‘Kulturtreger‘, застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, „Антолог“), „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „ Best European Fiction 2017 “ и „ Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) од „ Dalkey Archive Press “, во хрватското книжевно списание „Artikulacije“ (2023) и во „ Michigan Quarterly Review “ (2024) на The University of Michigan.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна