Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош. Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот.
Дипломира Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторира на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрира политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006).
Има објавено три збирки поезија: Деогае (1995), Ѕверот и проѕирот (1997) и Златните раце на демонот (1999), како и збирка раскази Авгански дневници (2008). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици.
Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски јазик.