Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој.

На македонски јазик, има објавено четири збирки поезија: Деогае (1995), Ѕверот и проѕирот (1997), Златните раце на демонот (1999) и Чувари на малите нешта (2025), како и збирка раскази Авгански дневници (2008). Избор песни на англиски јазик е публикуван како дигитална книга на Kindle/Amazon Books под насловот Guardians of the Tiny and Tender (2025). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија, а Чувари на малите нешта беше финалист за наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за најдобра поетска збирка во 2025. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици.

Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски: епот Четирите Зои од Вилијам Блејк (I изд. 2007, II изд. 2013), Светлини и сенки — поезија од Елен Дорион од француски јазик (2003), стихови од Руми (вклучени во Класична персиска поезија, 2015) и Избрани песни од Радјард Киплинг (2024). Покрај книжевните текстови, Пејчинова има публикувано трудови од областа на политичките науки, психологијата и филозофијата. Се занимава и со визуелна уметност — графика и восочни минијатури. Нејзините дела се достапни на личната веб-страница anabluefeather.wordpress.com.

Родена е во Скопје, но со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторирала на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрирала политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006). Работела и како психолошки советник во Прага и Скопје, а околу две децении делувала во рамките на Обединетите нации и УСАИД, најчесто во воени и кризни региони (Авганистан, Ирак, Пакистан, Египет и Конго), како менаџер и советник за стратешки комуникации во секторот за меѓународен развој и хуманитарна помош.