Снежана Младеновска Анѓелков (Скопје, 1977) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа се стекнува во 2012 година.

Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, „Или-Или“) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ и истиот потоа доживеа уште четири изданија. Вториот роман „Молчи со отворена уста“ (2019) беше финалист за истата награда. Во 2022 година ја објави и „Луѓето, а не градот“, книга посветена на Скопје кое веќе го нема. Во 2014 година ја издаде и филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“.

Застапена е во тематските збирки раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и „Скопски раскази“ (2023, Темплум), во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press, како и во хрватското списание за литература „Artikulacije“ (2023) и „Michigan Quarterly Review“ (Fall 2024) објавено од Универзитетот во Мичиген, САД.

  • Јод

    Романот што започнува како потрага по личните приказни на сезонските работници во Сплит, Република Хрватска, неочекувано го менува правецот во вивисекција на човештвото и соочување со болката од исчезнатите морални вредности. Во ослабена физичка, и дискутабилна ментална состојба, протагонистката низ едно деноноќие се соочува со неморалното и срамно однесување на поединците за кои вели дека се производ на разнишаните општествени столбови и се директна закана за опстанокот на човекот како разумно суштество. Романот е критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност. Дејството е базирано на вистински настани кои се случуваат во август 2023 и настани од последната декада во истиот град.

    „Да бидам меѓу своите… Со баботењето во главата, крцкањето во ушите, затнатоста на носот и грлоболот − не сум ни своја! Но, мајчинскиот инстинкт ме придвижува. Со сета сила, сила сум за нив. И во едно сум убедена: знам каде ми е местото. Јас припаѓам овде, меѓу децата. Тука е моето сигурно место.

    Други чувства и огнови ме гореа што се решавам сепак да пишувам за нив. Морам да го средам хаосот во мислите настанат под притисокот на главоболката и да не дозволам грозницата да ми го помрачи умот. Раката ми трепери. Отпивам од топлиот чај внимавајќи да не истурам врз тетратката. Прополката што ја шмукав не ми помогна многу. Воопшто.

    Дали сум можеби јас сега, во оваа вечер, тој осамен и отуѓен човек, чудовиште со капацитет на насилник во обид да се спаси човечноста?! Ми доаѓаше да викнам по сите тие ноќни ѕверови, но премолчев. Дали само помислив, премолчев, или зборовите ми излетаа од устата? Не можам точно да одредам затоа што мислите ми станаа премногу гласни. Ми татне главата. Замижувам“.

    270,00 ден
  • Луѓето, а не градот

    „Луѓето, а не градот“ е слоевито, хибридно дело, одлично обмислена комбинација од реални животни приказни обликувани низ книжевно-раскажувачка визура, кои се движат низ хронотопот град Скопје во текот на неколку децении. Со тоа, на читателите им се дава фунционален објектив низ кој ги следат трансформациите на урбаниот простор, како и на начинот на живот, менталитетот, навиките, гледиштата на скопските жители од различни маала на градот. Всушност, книгата е еден вид на „Музеј на сеќавањата“, како што се вели и во самиот текст, на скопски маала кои постоеле и веќе ги нема, кои постоеле и сè уште постојат, кои постоеле под едни имиња, а потоа се интегрирале со други населби и имињата останале само во сеќавањата на нивните жители“.

    Калина Малеска

    „Мемоари на урбофилија, полифонична хроника, архива на носталгијата, документарна проза, скопски сведоштва, прозно кроки на Скопје, колаж од сеќавања… сите овие одредници укажуваат на тоа дека од многуте документарни предлошки е искомбинирано нешто што легитимно се препознава како постмодерна проза“.

    Соња Стојменска-Елзесер

    230,00 ден
  • Слики со животна уверливост

    „Ова е дело кое несомнено недостасува во македонската филмска литература, не само како теориски труд при кој се објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија. Делото зборува за креирањето на документарниот филм како комплексна и одговорна задача со темелна опсервација и сликовен опис на нештата, апострофирајќи ја филмската монтажа која ги истакнува латентните вредности на материјалот“.

    м-р Лазар Секуловски, декан на ФДУ во Скопје

    100,00 ден250,00 ден
  • Молчи со отворена уста

    Татко ми воздивна, а потоа со прашален поглед изусти:
    „Што да правиме сега со документиве?“
    „Може ли да ги задржам кај мене? Можеби ќе ми се најдат некогаш, ако решам повторно да пишувам. Важно е дека сега знаеме нешто повеќе од претходно.“
    „Што со тоа?“, повеќе за себе прокоментира татко ми.
    „Ништо особено. Ја знаеме вистината. Не целосно, делумно. Но, барем малку ќе нè успокои… евентуално да ни ги олесни живејачката и умирачката“, му одговорив насмевнувајќи се.

    270,00 ден
  • Единаесет жени

    Единаесет жени ја продолжува традицијата на раскажување по пат на врамување, карактеристична за почетокот или самото настанување на овој жанр во „Илјада и една ноќ“, а во македонската литература обновена со романот „Мојата роднина Емилија“ на Влада Урошевиќ. Романот го носи духот на македонската полуурбана или квазиурбана средина во 1980-тите години, поставуваjќи нови параметри во раскажувачката техника и во романсиерската тематика, истовремено подривајќи ги жанровските конвенции”.

    од образложението на жирито за „Роман на годината“ на Утрински весник

    „До неодамна анонимната Снежана Младеновска Анѓелков за својот првенец ја доби наградата „Роман на годината“, нешто што досега не се случило во историјата на оваа најважна награда за проза во Македонија!“

                                                                                                                            Венко Андоновски

    „Иако дебитантка, Младеновска Анѓелков покажува чувство за чиста и прецизна нарација, без непотребни описи и дигресии, без дребности и заокружувања. Таа оди директно во центарот на случувањата, без да ја заобиколи или избегне мачнотијата што е речиси континуирано чувство по сите прочитани настани“.

                                                                                           Александра Јуруковска, Дневник

    „Првата асоцијација од насловот – 11 жени – ми беше дека тука има некаква суптилна, но сепак јасна иронија: единаесет е математички помалку, но кога се во прашање жени, тоа е повеќе од дванаесет, и тоа машки апостоли. Меѓутоа, од очекуваните феминистички тонови и од „женското писмо” во книгата нема ниту трага. Нема трага ниту од славање на жената и женственоста – ликовите се сè само не стереотипно смерни, напатени и безгласни. Тие се дел од едно градско, но маалско милје од осумдесетите, во кое жените се значаен социјален фактор – кога гледаат на кафе, ги копаат бавчите, возат Застава сто-кец, дремат по терасите или просто седат на клупа. Зад сите овие навидум обични огради и прозорци, демнат мрачни, твинпиковски приказни“.

                                                                                            Илина Јакимовска, Букбокс читанка

     

    *Книгата ја доби на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за 2011 година

    230,00 ден