
„Светот што го избрав“ од Калина Малеска е „Роман на годината“
Романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска во издание на „Или-или“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Четириесет и три романи беа во конкуренција за оваа престижна книжевна награда, таа во земјава се доделува по 26-ти пат, а одлуката за доделувањето ја донесе жири-комисијата која ја сочинуваа: Лидија Димковска (писателка и минатогодишна лауреатка), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“). Беа одржани четири состаноци, а по трите изборни круга во финалето за наградата, освен „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, влегоа и романите: „Простување“ од Кица Колбе, во издание на „Или-или“ и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски, во издание на „Антолог“.
„Простување“ од Кица Колбе во издание на „Или-или“ е извонреден роман за простувањето и помирувањето како хуманистички чин на надминувањето на траумите од војните и од прогонствата кои не ги засегаат само конкретните жртви, туку се пренесуваат и уште повеќе го усложнуваат и редефинираат идентитетот на потомците.
„И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски, во издание на „Антолог“, е роман-откритие кој во манирот на Ани Ерно ја збогатува македонската книжевност со автофикциско писмо во кое се детабуизираат теми и мотиви за кои сѐ уште ретко се пишува на ваков храбар, луциден и умешен начин.
„Светот што го избрав“ од Калина Малеска во издание на „Или-или“ е роман што апсолутно го заслужува називот „Роман на годината“ за 2024 година затоа што е извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни наметнал избор што не само што не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага. Личната приказна за Леона, која како средовечна жена ги напушта сопругот, домот, дотогашниот живот и статус, и почнува од нула во подрумска соба среде Скопје, истовремено се преплетува со општествено критичката приказна за образовните реформи во чија комисија хонорарно соработува и Леона. Автентично истражен и стилски избрусен, ликот на Леона е лик на жена која својата ранливост, самотија, нагла осиромашеност и длабока неизвесност во патријархалното опкружување, храбро и достоинствено ги преобразува во нова можност и решеност да избере, да се избере себеси, но и она и оние што ќе ги сака и чувствува за свои. Нејзиниот идентитет се преобразува со силата на нејзиниот интегритет што претставува и интроспекциски процес на самоосвестување и рехабилитирање во сопственото постоење, но и надежно заедничарење со новите познајници и животни околности во кои се нашла. Овој роман е толку потребна книжевна согледба за ранливоста и моќта на човековата микрокосмичка положба во макрокосмосот на системот, без разлика дали станува збор за семејство, за самост или за општество. „Светот што го избрав“ од Калина Малеска е роман што освестува, охрабрува и дава надеж за еден подобар свет што секој сам мора да реши да го избере. Во таа смисла романот на годината би требало да го има во секој дом, во секоја лична библиотека, но и во секоја безбедна соба, институција и катче каде што човек прибегнува по помош или совет како да се продолжи понатаму кога се чини дека тоа е невозможно. Одлично напишан, со длабока човечка порака, „Светот што го избрав“ на Калина Малеска е вистински избор за „Роман на годината“, стои во образложението на жири-комисијата.
Романот на годината за 2024 година беше избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот одржан состанок. Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Калина Малеска е писателка, професорка, книжевна преведувачка. Работи како професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Нејзини статии поврзани за книжевни истражувања се објавени во домашни и меѓународни списанија.
Авторка е на збирките раскази: Недоразбирања (1998), Именување на инсектот (2008), Мојот непријател Итар Пејо (2016) и Скопје во високата зона (2021); романите Бруно и боите (2006), Призраци со срмени нишки (2014) и Светот што го избрав (2024); како и драмата Случка меѓу настани: Хипатија од Александрија (2010). Освен тоа, Малеска пишува и книги за деца, а досега ги има издадено Арно ама (2018) и Вонземјанинот Лу-Ру-Су (2021). Во 2020 ја објавува книжевната студија Облици на моќ во современата книжевност, а во 2023 монографијата Визија, трансформација: Утопии, дистопии и други замислени светови (2023). Уредничка е на меѓународната збирка Awake not Sleeping: Reimagining Fairy Tales for a New Generation (2021) во која е застапена и со два расказа. Исто така е уредничка и коавторка на студијата Кон-текстот: дигитални осврти (самостојно издание 2023).
Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Малеска исто така преведува книжевни дела, меѓу кои Тристрам Шенди од Лорнс Стерн, Сестрите Макиока од јапонскиот писател Џуничиро Танизаки, избрани раскази од Амброуз Бирс, Волшебникот од Оз од Л. Френк Баум, Мали нешта како овие од Клер Киган, како и Слобода: Растење на крајот од историјата од Леа Ипи.