Две нови книги од Зоран Фериќ

Почитувани,

денес од печат излегоа романите Смртта на девојчето со кибритчињата и Додека ја преминуваш реката на еден од најпопуларните и наградувани современи хрватски писатели, Зоран Фериќ. И двата романа се во превод на Владимир Јанковски.

Смртта на девојчето со кибритчињата е првиот роман на Зоран Фериќ, објавен во Хрватска во 2002 година по неколкуте успешни збирки раскази. Наизглед едноставната криминалистичка приказна за убиството на локалната проститутка и потрагата по убиецот се претвора во виор од необични настани и бизарни ликови – од ексцентрични чудаци до наизглед обични мештани кои ги кријат своите тајни.

Малиот островски свет на Фериќ не е само кулиса – тој е огледало на нашето секојдневие, гротескна преслика на реалноста која истовремено нè забавува и нè тера на размислување. Со доза фантазмагорична имагинација, романот ги истражува границите помеѓу нормалното и апсурдното, додека црниот хумор нè спасува од тежината на тој свет.

Романот Додека ја преминуваш реката е најновиот роман на Фериќ (2022), во којшто мајсторски ја истражува суптилната рамнотежа помеѓу страста и табуата, минливоста на љубовта и вечните илузии.

Инспириран од познатиот роман Љубовникот на Маргерит Дирас, Фериќ пишува од перспективата на љубовникот, во едно поинакво време и простор. Неговиот текст пулсира со поетичност, страсна ирационалност и смелост што го предизвикува лицемерието на светот. Ова не е само роман за љубовта – ова е огледало на човечката природа, каде возвишеното и вулгарното, нежноста и желбата се спојуваат во една електризирачка приказна што ќе ја паметите.

„Или-Или“ претходно ги објави романите Календарот на Маите и На осамениот брег покрај морето, со што македонската читателска публика има можност да се запознае со значаен дел од творештвото на Фериќ.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна