Промоција на „Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски

Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје во вторник (13.10) во 20 часот ќе биде промовирана збирката раскази „Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски, во издание на „Или-Или“. Низ разговор со авторката книгата ќе ја претстави Сања Михајловиќ-Костадиновска.

„Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски е книга што уште со насловот го најавува својот силен адут: непосредноста. Овие избрани раскази се раскажани со исповедна отвореност, како доверлив разговор во кој животот не се разубавува, но ниту се претвора во повод за самосожалување. Авторката зборува за љубовта и разочарувањата, за семејството, насилството, осаменоста, спомените, стареењето и малите секојдневни радости со храброст да го именува и она што најчесто се премолчува.

Особена вредност на книгата е отвореното и ретко книжевно согледување на жената во подоцното доба од животот. Таа овде не е сведена на возраст, загуба или повлекување, туку е прикажана како жена со тело што се менува, со желби, стравови, сеќавања, лутина, самоиронија и потреба повторно да се пронајде себеси. Во нејзиниот поглед кон сопствениот живот има и болка и помиреност, но и тврдоглава волја да не ѝ се предаде на празнината.

Стилот на Никуљски е жив, јасен и природен, со богатство од говорни нијанси и прецизно забележани детали. Хуморот,понекогаш благ, понекогаш остар и црн, не ги потиснува тешките теми, туку им дава човечка мерка. Од автобусите и комшиските муабети до најинтимните пресметки со минатото, „Да ви кажам право“ создава препознатлив свет во кој трагичното и смешното постојано се допираат. Тоа е искрена, топла и стилски уверлива проза за преживеаното, прифатеното и за слободата човек најпосле да живее во согласност со себеси.

Ве очекуваме!

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна