Александар Русјаков е роден 1997 година во Велес.
Досега ги објавил збирката раскази “Ме сакаш ли под дождот” (2010), романите “Тринаесеттиот месец” (2012) и „Атена со пенис“ (2014), како и стихозбирката „Голтка восхит од солзите на вечноста“ (2016), сите во издание на ИЛИ-ИЛИ.
-
Голтка восхит од солзите на вечноста
„Можеби некој во поезијата на Русјаков ќе препознае далечен одек од она што некогаш се нарекуваше „граѓанска“ или „ангажирана поезија“. Сеедно. Но, таа не го содржи во себе нивниот идеолошки идеализам, витализам и поента или децидна порака за хуманизам и етика. Таа, според нас, е најблиска до битничката позеија, која повеќе децении беше хит на Западот, а и денес не пресушила. Битничката поезија значеше бунт против истрошената и брутална капиталистичка цивилизација, која за најголема вредност го прогласи капиталот, а за најголема филозофија, филозофијата на материјалниот профит”.
Ефтим Клетников
-
Атена со пенис
Реченицата на која Виктор никогаш не успеа да и ја открие длабоката езотерична симболика, ама беше убеден дека зад неа се крие севкупната смисла на постоењето, речница што ја изговараа сите водители и гости од естрадата, гласеше: на мојот албум се поместени толку и толку хитови. Виктор знаеше, сите што ја бараа суштината на постоењето во старите езотерични учења, во религиозните книги, во окултистичките ритуали, во науката како квантната физика, на пример, сите тие бараа на погрешно место. Нешто бескрајно тајно и непроценливо важно се криеше во мистиката на тој зен, на таа мантра што гласеше: на албумот се поместени толку и толку хитови.
Како ли изгледа чувството кога ќе ја запознаеш жената на својот живот после низа ретардирани настани кои ти го искомплицирале животот до границите на хаосот, за судбината потоа да те земе од таа жена и да те упати во затвор за несторен престап, ама пред да те понесе кон темницата на твојата иднина ставајќи ти лисици на раце да ти каже цинично дека онаа што ја сретна, всушност е лезбејка, а лезбејките по некоја чудна логика се жени кои сакаат жени, како ли навистина излгледа тоа проклето чувство? Тоа чувство изгледаше исто како Виктор. Виктор не беше пријатна глетка за гледање.
250,00 ден -
Тринаесеттиот месец
Лена се ѕвери во него неколку секунди, а потоа со сериозен израз на лицето заминува кон црквата. Господи, зошто ми ја испрати, си мисли Владимир дури ја гледа како заминува, што треба да значи нејзиното доаѓање и дали никогаш за тоа нема да добијам одговор, како што никогаш не ми одговори како е возможно да ја најдам оваа црква во зима, како е возможно по првото преспивање да се разбудам во пролет, која, еве, сè уште трае, а Господи?
Два месеца бесмислено поминати низ Софија. Уште не сум отишол во Македонија, таа е полна со фронтови, три војски се тепаат. Велат, таму е пеколот. Ако е таму пеколот, тогаш за мене софиските улици се досадата пред пеколот. Што да прави човек кога не пишува идиотски извештаи, кога не лежи врз балкански курви? Нема што да прави, освен да скита по улици и да пуши турски хашиш. Турците ги истераа, хашишот си го задржаа. Јас ретко го пушам, ме одвојува од реалноста, тоа не ми се допаѓа. На Балканот мора секогаш да си на штрек. Не знаеш кој ќе те нападне, не си сигурен на кого ќе треба да му го извадиш скалпот. Јас си најдов како да го трошам своето време.
Дури мине ова кусо време напнатост на средина од сцената, да ти објаснам нешто Јована. Родителите и нивната проекција на сопствените фрустрации врз децата. Можеби сум премногу паметна за своите години, а можеби сум само полудена во главата, болна во умот и сеедно ми е, ама во тоа сум убедена. Родителите и нивниот кретенски став кој почнува со прашањето, зошто ми го правиш ова. Ти си се опијанил, си скршил глава некаде, имаш воспаление на градите, а тие со тоа нивното, зошто ми го правиш ова дете? За да ти го направам животот пекол, кретену, така посакувам да одговорам на тоа.
-
Ме сакаш ли под дождот?
Ја спуштам раката во нејзината коса.
– Не се заебавам Ангела. Јас измислувам. Ќе поминам покрај некој непознат, ќе го пгледнам в лице и му го измислувам животот. Кога ти реков да се измислуваме меѓу себе, не мислев да измислуваме глупости. Ти го спомна немањето пари, невработувањето, дувањето и пиењето вино, водењето љубов и реното на татко ти… Боже, и тоа е нешто! Ние си го измисливме. Луѓето се плашат да немаат пари. Луѓето се плашат да немаат што било. Ние имаме, ангелу! Луѓето се плашат од глупости. Им снемало струја… Боже, мој… Нека си измислат тогаш струја, кога ќе им ја исклучат струјата. А замисли во еден миг да го снема… што знам… денот, на пример. Се будиш… ноќ. Пак се будиш… пак ноќ. Што ќе прават тогаш оние идиоти што се плашат од секакво немање? Ќе излезат на митинг? Ќе седат и ќе кукаат дома? Ќе престанат да се будат? Сеедно. Јас ќе го измислам тогаш денот за тебе и ти ќе знаеш дека тоа е ден измислен само за тебе и се дур` можам да измислувам среќа за тебе ти ќе ми бидеш доволна…