Александар Секулов е роден 1964 година во Пловдив. По завршувањето на уметничката школа за сценски уметности се определува за филологијата и на Пловдивскиот универзитет дипломира на Отсекот за бугарски јазик и книжевност.
Досега објавил три книги на песни, една книга со есеи, збирка раскази, како и еден драмски текст. Освен неговиот најуспешен роман „Колекционер на љубовни приказни”, досега ги објавил и романите „Малата светица и портокалот” (2005) и „Историја на исчезнувањето” (2009).
Освен со литература, Секулов се занимава и со новинарство. Тој е добитник на бројни книжевни награди, а неговите книги се преведени на англиски, унгарски и српски јазик.
-
Колекционер на љубовни приказни
Дали е потребно да минеме голем дел од нашиот живот, за во есента на годините да се сетиме дека всушност љубовта е најважното нешто што го исполнува нашиот живот со смисла. А, пријателствата, патувањата и неоткриените нови светови… Што се случи? Каде исчезна смислата? Која е смислата?
Една поранешна циркуска артистка плаќа со остатокот од своите дни за да ја собере колекцијата од приказни за мажот, со кого две години претходно биле заедно два дни, седумнаесет часа, четириесет и три минути и неколку немерливи секунди. Минува низ пустини, плови среде санти мраз, се губи во неоткриени племиња по теченијата на Нигер и Амазон, но успева да ги собере сите дваесет и осум приказни за високиот подгрбавен волшебник со портокалова кошула и среќноочаен поглед.
Но, ова не е само обична книга за љубовта, туку книга за смислата, за вечното патување. За ситуациите, кога сме на работ помеѓу љубовта и разделбата, помеѓу вообичаеното и авантуристичкото, помеѓу животот и смртта. Своевидна сложувалка во која што можеш да се откриеш себеси, своите пријатели и мечти. И затоа, не случајно, поднасловот на книгата гласи „префинет роман“, затоа што пред читателот е еден роман со ретка, специфична чувствителност, еден роман за суштината на нежноста, за единствената константа на љубовта – разделбата, за тајниот квалитет на страста, која постојано се менува и трае…
Или, пред нас е едно дело апсолутно ослободено од жанрови постулати, за кое бугарските критичари велат дека е „дело слатко до зашеметување, опијувачко до заборав“.
250,00 ден