Благоја Иванов (1931) е македонски раскажувач, романописец, есеист, критичар и драмски автор. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје, директор на Телевизија Скопје и професор на ФДУ. Долги години го уредувал списанието „Млада литература“, а бил и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член е на ДПМ од 1958 година и негов претседател во два мандати. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Добитник е на наградите: „1 Мај“, „Недела на радио драмата на ЈРТ“, „Рациново признание“, „Кочо Рацин“.
Прозни делa: „Седум умирања“ (проза, 1956), „Ноќ без починка“ (раскази, 1958), „Црвено рондо“ (раскази, 1964), „Патувања“ (лирски минијатури, 1969), „Ветрови“ (роман, 1969), „Од онаа страна на заборавот“ (раскази, 1975), „Една година и цел живот“ (роман, 1978), „Бланка“ (проза, 1985), „Малата врата на надежта“ (раскази, 1985), „Маалски игри“ (роман за млади, 1989), „Чекање на зората“ (роман, 1998), „Сватови“ (раскази, 2000), „Стебло“ (роман, 2003), „Сомнеж“ (роман, 2007), „Судбина“ (роман, 2009), „Раска в око“ (раскази, 2011), „Покрај езерото“ (роман, 2015), „Птиците од дворот“ (раскази, 2015).
-
Скопски дамари
„Сето она што го раскажува Иванов во своите приказни за Скопје, како ретко кој македонски писател, создава своевидна мапа на градот, карта од која извира животна сила составена од нерви и крвни садови за силна пулсација на урбаното битие, која содржи и разни пукнатини и шуплини пред кои не смее да се затворат очите и кои треба да се забележат и прераскажат. Така Скопје на суптилен начин станува засебен лик во оваа збирка раскази, град-личност кој секогаш е подготвен да ја покаже својата сила, „небаре сениште кое тешко ја поднесува дневната светлина“, но тој е и „брод со драгоцен товар“ на кој секогаш ќе му се навраќаме во нашите книжевни творби. Со почит кон Скопје, и особено кон Благоја Иванов, Ви посакувам пријатно патување низ скопските книжевни дамари, засолнати од заборавот на ова посебно место, во оваа драгоцена книга“.
Игор Анѓелков