Цветанка Колева е родена 1975 година во Прилеп. Има два сина и сопруг, живее во Кавадарци. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик.
Во 2012 година со својата прва поетска книга „Ладно кафе“, издадена за издавачката куќа „Или-Или“, е една од четирите поетеси чии книги ја сочинуваат женската едиција поезија „Русалки“. Заедно со неформалната група „Poetry slem Macedonia“ зема активно учество на Poetry Slem сцената и настаните во земјава.
Пишува поезија, слем-поезија и кратки нарации. Нејзини стихови се објавувани во локални алманаси, во публикации на збирки од конкурси и списанија од областа на културата и пишаниот збор.
„Ти, моја, безмилосна една!“ е нејзино второ поетско дело.
-
Ти, моја безмилосна една!
„Кога еднаш поезијата ќе те бакне в чело, кога еднаш ќе те фати магијата, кога ќе ја вкусиш сладоста во стихот, пуштање веќе нема, нема враќање, нема раскрстување. Ако поетесата Љупка Антеска во својата книга „Отвори ги очите“ ѝ се обрати на поезијата со наредба или молба: „Поезијо, остави ме!“, Цветанка Колева помирливо, прифатливо, како мајка ѝ вели „Ти, моја, безмилосна една!“. Тој близок, личен однос не произлегува само од арспоетиката, туку повеќезначно се обраќа и сама на себе, но и на секој доволно љубопитен и храбар да влезе во овој поетски свет. Колева е стамено изграден поетски глас, кој не наликува на ниту еден друг глас на поетската сцена, и тоа прави да е вистинско освежување и радост за сладокусците кои се желни да истражуваат и да се радуваат како деца кога ќе пронајдат вакво богатство“.
Снежана Стојчевска