Даниел Келман е роден во 1975 година во Минхен, а живее во Виена и Берлин.
Неговите романи се едни од најпреведуваните и најпродаваните во историјата на современата германска литература, така што Келман со право важи за вистинска ѕвезда во светот на книжевноста.
За своите романи, помеѓу кои се издвојуваат „Мерење на светот” (ИЛИ-ИЛИ, 2008), „Времето на Малер”, „Јас и Камински”, „Слава” (ИЛИ-ИЛИ, 2011) и „Ф“ (ИЛИ-ИЛИ, 2016) добил бројни престижни награди и признанија.
Неговите дела се преведени на повеќе од четириесет јазици во целиот свет.
-
Слава
Славата и безличноста, вистината и лагата се провлекуваат низ сите девет епизоди од овој остроумен и смешен роман полн изненадувања што веднаш ќе ве плени, во кој патиштата се вкрстуваат, заплетите се усложнуваат, ликовите стануваат вистински луѓе, а вистинските луѓе се преобразуваат во ликови. Резултатот е едно импресивно виртуозно дело на еден од најдобрите млади автори во Европа.
Деветте приказни се преплетуваат кога еден случајно помешан телефонски број ќе предизвика низа недоразбирања и кражби на идентитетот помеѓу главните ликови, така што нивните животи се преплетуваат во една заедничка, зачудувачка приказна, преполна со иронија, очај и хумор, заради кои ова неповторливо книжевно дело оправдано се споредува со делата на големите автори, како Сартр и Ками.
300,00 ден -
Мерење на светот
Романот „Мерење на светот“ е базиран врз историски настани од 19 век поврзани со двајца славни научници – истражувачот Александар фон Хумболт и математичарот Карл Фридрих Гаус, кои се зафаќаат со неверојатен потфат: секој од нив на свој начин се обидува да го измери светот.
Хумболт патува низ прашуми и степи, плови по реки и мориња и се искачува по планини, ги истражува егзотичните цивилизации, се бори со морски чудовишта и човекојадци.
Гаус пак своите истражувања ги врши со математички формули, без воопшто да го напушти родниот град Гетинген.
Двајцата легендарни научници се сретнуваат само еднаш во животот – во Берлин во 1828 година, кога веќе се славни, стари и по малку сенилни.
Околу оваа историска средба Келман ја гради својата хумористична и динамична приказна, која си игра со реалноста и фикцијата и е преполна со возбудливи епизоди, впечатливи ликови, неверојатни сплетки и интересни истражувања на европскиот, и особено германскиот “научен дух”.
-
Ф
Романот „Ф”, најновото дело на исклучително талентираниот млад германски писател Даниел Келман, на мошне субверзивен и нетипичен начин раскажува класична семејна приказна за семејството Фридланд.
Артур Фридланд, скептичен и неамбициозен писател, едно попладне ги води своите тројца синови на претставата на Големиот Линдеман, мајстор за хипноза, кој комплетно ќе ги промени животите на сите членови на семејството. По завршувањето на претставата, таткото ќе исчезне на 24 години. Неговите напуштени синови остануваат втурнати во вечна криза: Мартин е свештеник кој не верува во Господ, Иван е трговец со уметнички дела кој го потиснува својот сликарски талент, а неговиот близнак Ерик е бескрупулозен бизнисмен чијшто универзум се урива при финансиската криза од 2008 година, заканувајќи се да го уништи дури и физички.
„Ф” е роман за играта на судбината и светото тројство на современиот човек – парите, уметноста и религијата – но раскажан крајно необично, во вид на мистерија која станува сè позаплеткана. Келман вешто си поигрува со реалното и надреалното, при тоа сликајќи длабоки психолошки портрети на своите ликови.
390,00 ден