Давид Фоенкинос (Париз, 1974) е француски писател, сценарист, режисер, музичар. Студирал литература и музика во Париз. На шеснаесетгодишна возраст бил принуден подолго време да мине во болничка постела. Во тој период почнува со огромен жар да чита литературни дела, да слика и да свири гитара. Фоенкинос се вбројува меѓу најдобрите француски писатели од новата генерација, мајстор за романтични комедии. Неговите дела зрачат со леснотија, едноставност и хумор.
Романот „Еротскиот потенцијал на мојата сопруга“ бил многу добро прифатен како од критичарите така и од читателската публика, и за него ја добива наградата „Роже-Нимие“. Следат романите: „Кој се сеќава на Давид Фоенкинос“, „Ленон“, „Сеќавања“, „Шарлота“, „Мистеријата Анри Пик“…
Добитник е на голем број награди. Романите му се преведени на повеќе од четириесет јазици. Романот „Деликатност“ ќе направи пресврт во неговата кариера. Веднаш по излегувањето станува бестселер во Франција и се наоѓа на сите листи за најпрестижните литературни награди. Добива десет награди и достигнува милионски тираж.
Според „Деликатност“ е снимен истоимениот филм со Одри Тату и Франсоа Дамиен во насловните улоги.
-
Деликатност
Фоенкинос во прекрасниот роман „Деликатност“ гради приказна за љубовта и за сложените меѓучовечки односи која е раскажана на шармантен и, пред се’, на деликатен начин. (Деликатен: сложен замрсен тежок; внимателен, чувствителен; вкусен; што бара посебен однос и внимание. Толковен речник на македонскиот јазик, Том I).
Авторот го зема секое значење на овие зборови и полека го воведува во срцевината на романот. Романот е така пишуван што читателот има чувство дека приказната некој му ја раскажува. Тоа е приказна за нова љубов и надеж дека и ранетите срца можат да најдат прибежиште на најчудни места, дека љубовта може да има и трагичен и комичен дел, понекогаш и малку апсурден, но тоа е тој деликатен зачин што ја прави толку голема.
Ова е прекрасна и деликатна љубовна приказна со француски шмек во која кусите хумористични дигресии раштркани меѓу поглавјата и’ даваат нота на оригиналност.