Џон Фаулс (1926-2005) важи за еден од великаните на англиската книжевност од втората половина на 20. век.
Уште со неговиот дебитантски роман „Колекционер“ се закитил со бројни меѓународни признанија, но вистинската слава ја постигнал со неговото најпознато и најкомплексно дело „Волшебникот“.
Делата на Фаулс се исклучително сугестивни и иновативни, со нагласен интерес за психолошкиот, социјалниот и филозофскиот контекст на човековото однесување. Сето наведено го содржи и прекрасниот роман „Жената на францускиот поручник“, кој се смета за еден од големите класични романи на постмодернизмот.
„Црвец“ е неговиот шести роман, а четврто дело преведено на македонски јазик.
-
Црвец
„Црвец“ е шестиот роман на Фаулс, прв пат објавен во 1985 година. Жанровски тешко може да му се најде недвосмислено место зашто во него се испреплетуваат елементи на детективска приказна, на историска (мета)фикција, на епистоларен роман и на научна фантастика. Поради ваквиот колаж, но и неизбежните автореферентни и метафикциски нишки кои се препознатлив белег на прозата на Фаулс, критиката претпочита да го смести делово под пошироката капа на постмодерниот роман.
По авторскиот пролог, во кој Фаулс го објаснува визуелниот зачеток на своето дело, како и дел од повеќезначноста на терминот што го избрал за негов наслов, се среќаваме со петмина коњаници кои во пролетта 1736 година патуваат во гратче во Западна Англија. Откако едниот од нив, глувонемиот Дик, ќе биде пронајден мртов, обесен, со букет темјанушки в уста, на сцена стапува адвокатот Хенри Ескју, кој по овластување од неименуван благородник има задача да открие што се случило со покојникот, како и каква судбина ги снашла неговите сопатници.
И покрај присуството на сезнајниот раскажувач и непосредната вмешаност на авторот во содржината, читателот е принуден самиот да дојде до евентуално решение на загатката. Меѓу редовите од приказната се разгледуваат и пошироките прашања за веродостојноста на сеќавањето и личното сведоштво, за степенот на објективност на историографијата, за животот како театарска претстава, а човечката историја како нарација, или за вероотстапништвото како политички бунт кој се обидува да ги избрише класните и родовите разлики.
Но, како што вели Фаулс во прологот: „не би сакал ова да се смета за историски роман. Црвец е“.
-
Жената на францускиот поручник
„Исклучително, луцидно ремек-дело кое задолжително се чита по неколку пати.”
The New York review of books
„Брилијантен успех… Роман преполн со страст и незаборавни сцени што се читаат во еден здив.”
Financial times
„Ова е еден од најомилените современи романи на читателската публика во целиот свет.”
The Times
„Неверојатен спој на имагинацијата и историската стварност; панорама на една епоха и длабински приказ на една цивилизација во форма на врвна книжевност.”
Washington post book world
„Една од најмаркантните љубовни приказни во современата англиска литература, која во изминатите децении го етаблираше Фаулс како еден од големите модерни класици на книжевноста.”
Daily mail
-
Волшебникот
На еден зафрлен грчки остров, младиот Англичанец Николас Ерф се спријателува со еден мистериозен човек и тоа пријателство полека се претвора во кошмар со неочекувани димензии. Реалноста, фантазијата, митологијата и уметноста одеднаш се преплетуваат во низа шокантни и таинствени епизоди и младиот Ерф се претвора во човек кој очајно се бори да го сочува здравиот разум, но и својот живот.
Преполн со симболи, лавиринтска нарација и шокантни изненадувања, „Волшебникот“ е тензичен, провокативен, повеќеслоен и исклучително сложен роман.
Затоа, според мислењето многумина, токму „Волшебникот“ е едно од најдобрите остварувања во современата литература.
-
Колекционер
„Особено вешт прв роман со оригинална замисла и прониклива анализа на една опсесија. Се работи за грабнување – налудничавиот чиновник ја заробува студентката по сликарство која му претставува фиксација, по што следува монструозна игра на разум и лудило, мегдан на умови без допирни точки“.
КЕНЕТ ОЛСОП, Дејли мејл
„Ова неверојатно достигнување може да се чита како трилер… или како проучување на морбидна психологија.”
ФРАНСИС АЈЛС, Гардијан
„Уште поважен од генијалниот приказ на една психопатска опсесија е оној на состојбата на приврзаност…”
ЏУЛИЈАН ЏЕБ, Сандеј тајмс