„Фобос“ од Соња Станковска, нова авторка во едицијата „ПРОаЗА“

Драги читатели,

Ве информираме дека утре (петок), 10 октомври, од печат ќе излезе романот „Фобос“ од Соња Станковска.

Во својот прв роман, авторката нè води низ архитектурата на стравот, не само како чувство, туку како систем, глас, архетип и алгоритам. Структуриран како куќа со три „ката“ и составен од девет тематски раскази, романот претставува експериментален жанровски хибрид што комбинира фикција, алегорија, дигитална сатира, критичка теорија и филозофски рефлексии.

На првиот кат, стравот се појавува во својата заводлива форма – преку општествените очекувања, медиумските клишеа и културните стереотипи. Вториот кат е технолошки, каде стравот се автоматизира, станува код и дел од систем без емоција, но со моќ. На третиот кат, тој е тивок, интимен и длабоко човечки – впишан во нашите неуспеси, спомени и надежи.

Фобос не е само роман, туку и концептуален простор во кој читателот се соочува со сопствените, колективните и културно моделираните стравови. Со храбра стилска постапка и содржински слоевит пристап, Станковска создава современ роман кој истовремено предизвикува и нуди рефлексија за тоа како живееме, што нè плаши и зошто.

За романот, писателката Фросина Пармаковска вели:

Фобос е уникатен пример на колажиран, нелинеарен и мошне комплексен хибриден текст кој умешно ги поставува едни од најзначајните прашања за човекот и за светот: каде бевме, каде сме и каде одиме. Исклучително креативно и храбро, ова четиво нуди цел спектар од приказни кои се суштински, егзистенцијални и актуелни, а истовремено бескрајно духовити и игриви. Да се влезе во светот на Фобос е како да се тргне на патување без безбедносен појас кое никако не знаете каде ќе ве одведе – иднината е само една од варијантите на минатото, а човекот има бескрајни можности да биде, да постои во еден од световите што ги има до недоглед или, пак, во сите нив, во некое алтернативно време“.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна