Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот. Нејзини дела се: „Егејци“ (Култура, 1990), „Снегот во Казабланка“ (Три, 2005 – прво издание; Магор, 2007 – второ издание), „Жените Гаврилови“ (Табернакул, 2008, ИЛИ-ИЛИ, 2021 – второ издание), „Река во наследство“, Ein Fluss als Erbe (Скопје и Лангенфелд, 2009), „Земја на бегалци“ (ИЛИ-ИЛИ, 2018) и „Витезот и Византијката“ (ИЛИ-ИЛИ, 2020).
„Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2006 година, а „Жените Гаврилови“ во 2009-та беше македонска номинација за наградата „Балканика“.
-
Жените Гаврилови
Преработено и проширено новo издание на култниот роман на Кица Колбе од 2008 година.
Игрите со јазикот се ненаметливи, доаѓаат некако природно, како самиот читател да трага по зборовите на своите предци и оддеднаш се наоѓа пред портата на некој странски јазик. Секој барем еднаш се соочил со тешкотијата да засака некој нов јазик како свој. Таа љубов – да се вдомиш во јазикот на нечија туѓа култура- е привлечна, но и тешка. За ова пишува и авторката на „Жените Гаврилови“. Нејзината приказна е на оската Македонија-Германија меѓу двете култури и двата (или повеќе) дома. Тука е отворено и прашањето за гастербајтерите, за мигрантите, за луѓето кои среќата ја бараат на друго место и за оние кои во таа потрага често се губат себеси.
Колбе не пишува прв пат на оваа тема, таа егзилот го третираше и во своите претходни дела – автобиографскиот роман „Егејци“ и романот „Снегот во Казбланка“. И таму преѓа беа личните приказни на главните јунаци, што во „Жените Гаврилови“ продолжува како природно ткање на еден голем ќилим. Шарата се раѓа сама од себе, од внатрешниот порив на ткајачката, на уметницата , на жената.
-
Витезот и византијката
„Се радувам за професорот. Изгледа навистина најде во неа достоен соговорник. Таа толку го инспирира, што сигурно се почувствувал млад. Впрочем, младоста не е прашање на телото, туку на духот, како што знаел и Ниче. Што велите“, се насмеа Јоханес.
„На кого мислиш“, го праша расеаниот Витез.
„Ах, Даниел! Не се прави дека не знаеш за кого зборуваме! За Византијката!“
-
Земја на бегалци
Да знаеја дека нема никогаш повеќе да се вратат дома, пред да појдат во шумите, тие барем ќе застанеа мигум м‘лченичкум среде одаите, во кои живееја од дедо-прадедо. Во молк ќе се простеа од нив. Ќе им кажеа збогум на гумната и на племните, на чардаците и на амбарите, на портите и на пенџерите. Ќе ги целиваа стисовите и портите стари како што од мртовецот се збогуваа со последно целивание. Ќе се збогуваа тие мигум од својот живот во тие одаи.
Тогаш сфати Фросе, некогашното дете на егејски бегалци, дека таа навистина е дел од нешто многу постаро. И многу поголемо. Постаро и поголемо од сите домови, од сите полиња и ниви. Од сета земја што ја изгубија нејзините роднини во својата татковина. Грција. Егејска Македонија. Тоа, на што таа припаѓа, е поголемо и од сите татковини. Постаро е тоа од сите напишани истории. На таа невидлива за светот земја на бегалците ѝ припаѓа Фросе Аврамова. На таа најстара земја на прогонот и бегството. Само на таа земја Фросе ѝ припаѓа вистински. Таа е вечниот засолн на прогонетите, отфрлените, пребеганите. Вечната земја на бегалците. Таа постои над сите граници, над сите нации, над сите народи. Само таа е нејзината татковина.