Тања Урошевиќ (1936 – 2020 ) писателка и преведувачка. Авторка на романите „Аквамарин“ (2004) и „Превид“ (2008), на збирките раскази „Црвена нишка – железен прстен“ (2009) и „Три новели“ (2017), на повеста „Ура, Арал!“ (2019) и на подолгиот расказ „Размена на пораки“ (2013) во истоименета книга објавена заедно со Влада Урошевиќ. Романот „Аквамарин“ е преведен на руски јазик и објавен во Москва 2017 г.
Тања Урошевиќ е, секако, најзначајниот преведувач и афирматор на руската литература кај нас. Почнувајќи од 1965 година, таа превела голем број дела од највидните руски писатели на XIX и XX век. Помеѓу нив се романите, расказите и драмите на Гогољ, Пушкин, Лермонтов, Достоевски, Толстој, Чехов, Сологуб. Од поновата руска литература Тања Урошевиќ превела книги од Леонов, Платонов, Бунин, Пастернак, Цветаева, Булгаков и Набоков. Во нејзин избор и превод се објавени две антологии: на рускиот фантастичен расказ од првата половина на XX век – „Ѓаволијада“ (1998) и на современиот руски расказ – „Кристален свет“ (2002).
Романот „Еден сив мартовски ден“ е најден во нејзината оставина, завршен и подготвен за печат.
-
Еден сив мартовски ден
„Еден сив мартовски ден“ е класичен психолошки роман, со интроспекции и ретроспекции, богат со детали од секојдневниот градски живот. Дејството на романот се одигрува главно во Скопје, во периодот на крајот од 40-те, па се’ до крајот на шеесеттите години од 20 век.
Приказната во романот ги следи животните патеки на три школски другарки – Катарина, Оливера и Маријана, но и на Весна, ќерката на Катарина. Таа приказна започнува и завршува со еден посебен миг – отпуштањето на Катарина од казнено-поправниот завод кадешто одлежувала петгодишна казна поради тешка сообраќајка.
Тој миг е повод за сведувањето на сметките – не само во животот на Катарина, туку и на нејзината ќерка и на нејзините две пријателки. Може да се каже дека секоја од нив го преиспитува својот живот барајќи го моментот кога во него се вовлекла „грешка“ која ќе биде причина за идните судири и недоразбирања.
350,00 ден