„Денот на црвот“ од Симона Јованоска е „Роман на годината“ 2021 на Фондацијата „Славко Јаневски“

Со задоволство Ве информираме дека книга издадена од ИЛИ-ИЛИ по петти пат се закити со престижната награда „Роман на годината“. Жирито на Фондацијата „Славко Јаневски“ овој пат го одбра дебитантскиот роман „Денот на црвот“ на Симона Јованоска како најдобар за 2021 година.

Денот на црвот е роман што од ред во ред, од страница во страница постојано изненадува. Од почеток до крај без застој и без празен од. Почетокот на романот е сосема неочекуван. навестува дека делото е можна „басна“ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но тоа е итра замка што ја откриваме во продолжение. Приказната на спомнатите два лика, натаму, низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците коишто му припаѓаат на нашиот род. Од нашето совремие. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат,понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и надворешните зандани, посегнување кон Слободата. „Денот на црвот“ изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и безмалку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина, му овозможува на нејзиното дело висок дострел“. Јагода Михајловска Георгиева

„Вешто раскажан, со суптилен хумор и умешно поврзување на настаните и лајтмотивите, овој роман, низ различни перспективи, проникливо ги истражува околностите, животните искуства и личната несигурност како мотиви зад постапките на бројните впечатливи и реалистични ликови“. Калина Малеска

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна