„Двојна експозиција“ е книга на месецот во библиотеката „Браќа Миладиновци“
Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ која библиотеката „Браќа Миладиновци“ ја започна минатата есен, „Книга на месецот“ овој април е збирката раскази „Двојна експозиција“ на Игор Анѓелков.
По тој повод, во вторник, на 04 април од 19 часот, во спомен собата „Т’га за југ“ на Миладиновци, Александра Јуруковска ќе разговара со авторот по повод неговото актуелно прозно дело.
Кон крајот на месецот, пак, во рамките на „Клубот на читатели“, токму читателите ќе се соберат и ќе разговараат за расказите на Анѓелков, кои наидоа на одличен прием и кај книжевните критичари.
Срдечно Ве покануваме да бидете дел од овие настани, кои благодарение на активностите на библиотеката „Браќа Миладиновци“, ги доближуваат книгите на македонските писатели до пошироката публика.