Нов превод од шпански јазик во „ПРОаЗА“

Драги читатели,

Ве информираме дека денес од печат излезе новиот превод од шпански на македонски јазик во едицијата „ПРОаЗА“ на преведувачката Катерина Јосифоска.

Се работи за книгата „Сосем обична љубовна приказна“ на Лусија Ечебарија, со поднаслов „интригантна збирка со феминистички раскази“.

Книгата содржи дваесетина раскази во кои главни ликови се жени на различна возраст и сите приказни се инспирирани од вистински настани. Авторката ги преработува реалните случки и ги пренесува во фикција, создавајќи интересен и успешен хибрид на „документарна фикција“. Книгата завршува со поговор од авторката во кој е изложена документарната заднина за расказите и мотивите за нивното пишување.

Лусија Ечебарија (1966) е шпанска писателка и активистка. Студирала книжевност и новинарство во Мадрид. Досега објавила неколку романи: Љубов, љубопитност, прозак и сомнежи (1997), Беатрис и небесните тела за кој во 1998 година ја добила наградата „Надал“, Ние што не сме како другите (1999) итн. Освен романи, објавува есеи и песни, а учествувала и во пишувањето на сценарија за неколку филмови. Добитничка е на највисоката шпанска книжевна награда „Планета“ во 2004 година. Нејзините книги се преведени на петнаесет јазици, а шпанската јавност ја смета за една од најконтроверзните современи писателки. Обожава животни, вегетаријанка е и живее во Мадрид.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна