Нова книга од Снежана Младеновска Анѓелков
Драги читатели,
со задоволство Ве информираме дека денеска од печат излегува новата книга од авторката на „Единаесет жени“ и „Молчи со отворена уста“, Снежана Младеновска Анѓелков.
За нејзината нова прозна објава, Малеска и Стојменска-Елзесер забележаа:
„Луѓето, а не градот“ е слоевито, хибридно дело, одлично обмислена комбинација од реални животни приказни обликувани низ книжевно-раскажувачка визура, кои се движат низ хронотопот град Скопје во текот на неколку децении. Со тоа, на читателите им се дава фунционален објектив низ кој ги следат трансформациите на урбаниот простор, како и на начинот на живот, менталитетот, навиките, гледиштата на скопските жители од различни маала на градот. Всушност, книгата е еден вид на „Музеј на сеќавањата“, како што се вели и во самиот текст, на скопски маала кои постоеле и веќе ги нема, кои постоеле и сè уште постојат, кои постоеле под едни имиња, а потоа се интегрирале со други населби и имињата останале само во сеќавањата на нивните жители“.
„Мемоари на урбофилија, полифонична хроника, архива на носталгијата, документарна проза, скопски сведоштва, прозно кроки на Скопје, колаж од сеќавања… сите овие одредници укажуваат на тоа дека од многуте документарни предлошки е искомбинирано нешто што легитимно се препознава како постмодерна проза“.
Се надеваме дека и ова ново дело ќе Ви се допадне, како и нејзините претходни изданија.