Put your shoes, and GO!

На синоќешната промоција на „Кон езерото“ и „Граница“ во „Буква“, писателката Капка Касабова раскажуваше за своето искуство при пишувањето на книгите. Таа истакна дека ние овде, на Балканот, многу повеќе говориме отколку што слушаме. Уметноста на слушањето, според неа, е онаа која секој писател треба да ја поседува.

„При пишувањето, претпочитам искуственост, односно, како се вели: „Put your shoes, and GO!“. Сакам да разговарам со луѓето, сакам да ми ги раскажат нивните искуства. Им велам: раскажете ми за вашето семејство, за кајчето кое тајно пловело по Охридското езеро од Подградец до Пештани…“

Тргнувајќи од нејзиното име, водата е еден од главните елементи во нејзиниот ракопис, особено во „Кон езерото“, каде Охрид и Преспа ни ги дава на дланка:

„Водата е женски елемент, таа е причината за појавувањето на првата религија во човековата историја, и веројатно, предвидувам, дека ќе биде и последната, бидејќи водата е вредна повеќе од златото. За пишувањето на „Кон езерото“, тргнав во овие краишта да најдам мир, бидејќи се работеше за родова, семејна приказна. А водата многу ми помогна во таа мисија“.

За разлика од водата, „границата“, според неа, иако е именка од женски род, е повеќе „машки“ елемент, бидејќи „на границите има машки граничари, во пограничните села повеќето се мажи, а жените оттаму најчесто бегаат што подалеку“.

Капка не раскажува за главните политички текови и ликовите „виновни“ за тоа, туку за „последиците“ од нивните одлуки врз обичните луѓе:

„Ги обожувам маргиналните приказни, оние за аутсајдерите, граничните приказни меѓу минатото, сегашноста и иднината. Затоа многу го сакам македонскиот филм „Земја на медот“, и приказната за Атиџе во утробата на планините“.

Токму планината е во фокусот на нејзината трета книга „Анима“ од балканската тетралогија, која е следна на менито за објавување на ИЛИ-ИЛИ:

„Планината е неповторливо искуство. Пастирскиот живот во склад со природата е неверојатен. Посакав да го искусам тоа. Мора да живееш со луѓе кои вистински ја познаваат планината и одлучиле да живеат таму, за потоа да можеш да ја напишеш приказната што поверодостојно“.

Фото: Дарин Ангеловски

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна