Јурај Шебеста е роден на 18 мај 1964 година во Братислава. Завршил студии по естетика и теорија на драмска уметност на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Коменски“ во Братислава, а докторирал на Високата школа за музички уметности (VŠMU), исто така, во Братислава. Во периодот од 1995 до 1996 година бил со Фулбрајтова стипендија на студиски престој во САД.
Во 2005 година излезе од печат неговата прва книга раскази „Трезнење“ како издание на издавачката куќа „Југа“ од Братислава. Истиот издавач го објави подоцна и неговиот роман „Кога песот се смее“ во 2008 година.
Работел и како радио-уредник и како универзитетски предавач и научен соработник, бил раководител на „Одделението за издавачка дејност“ при Театарскиот институт во Братислава, а од 2005 година е директор на Градската библиотека во Братислава.
-
Трезнење
Занимавајќи се со животите на малите луѓе, во малата средина, расказите од збирката „Трезнење“ на различен начин ја преоблекуваат реалната наметка на современиот свет – независно дали ги конфронтираат своите јунаци со смислата на вработувањето, со планирањето на второто дете, со закупот на гробното место или, пак, со прељубата. Така и суптилно доведуваат до т.н. „внатрешно отрезнување“ на поединецот.
Јазикот на Јурај Шебеста, без оглед на тоа за што зборува, претставува перманентна пародија на денешниот „newspeak“. Апсурдните метафори врз кои почива смислата на оваа проза продираат подеднакво и во внатрешните и во надворешните ѕидови на нејзините јунаци.
Користејќи го онеобичувањето, т.е. очудувањето на традиционалните форми на раскажувањето, како и бекетовскиот апсурд, истражувајќи го ритамот на секојдневието – на брачните, на вонбрачните или на професионалните приказни – авторот им дава ним впечатлива арома на актуелна сатира.
190,00 ден