Луиџи Пирандело (1867–1936) е роден во вилата Хаос, во околината на градот Џирџенти. Студирал филологија во Рим и во Бон. По завршувањето на студиите се враќа во Италија и решава да се занимава со книжевност. Од 1897 г. до 1922 г. бил професор по естетика и стилистика на „Real Istituto di Magisterie Femminile“ во Рим.
Автор е на романи, драми, поезија, а напишал навистина голем број раскази коишто се собрани во збирката наречена „Novelle per un anno“ (15 тома пишувани од 1922 г. до 1937 г.).
Во 1934 г. ја добива Нобеловата награда за литература.
Умира во Рим.
-
Амфора
Збирката „Раскази за една година“ претставува збирка раскази (246) пишувани од Луиџи Пирандело меѓу 1884 година и 1936 година. Заедно со „Декамерон“ на Џовани Бокачо, од кого во извесна смисла се инспирира (во темата за времето и во намерата реално да се прикаже човечката комедија), несомнено е едно од ремек-делата на италијанскиот расказ. Станува збор за збирка раскази обмислена во 1922 година која требала да обедини 24 книги од по 15 раскази како специфичен издавачки план на издавачката куќа „Бемпорад“. Па така, под единствениот наслов „Раскази за една година“, Пирандело сака да им понуди на читателите по еден расказ во секој ден од годината, со што се доближува во раскажувачка замисла до „Декамерон“ и „Илјада и една ноќ“ каде што точно утврден број раскази се раскажува во точно одредено време речиси како некој магичен, фабуларен ритуал.
„Амфора“ е единаесеттата збирка раскази објавена во 1927 година.
Како и во другите збирки раскази, и овде поетиката на Пирандело е насочена кон темата на автентичноста и вистината кои постојат само во повеќеобразниот хаос на животниот тек. Честопати Сицилија е прикажана низ една архаична и фолклорна димензија како земја на митовите и суеверието. Јадрото на расказите на Пирандело го сочинува драматичноста на секојдневието и на приватниот простор којшто од ден во ден го испревртува постоењето на ликовите во нивниот микрокосмос.
-
Гол живот
Пирандело ги пишува своите раскази за време на целиот живот. Самиот тој за насловот „Раскази за цела година“ вели дека „можеби звучи скромно, но навистина станува збор за амбициозен потфат.“
Во 1922 г. почнал да работи според еден општ план којшто предвидувал серија од 25 тома, секој насловен според првиот расказ од соодветната збирка. Пирандело успеал да заврши само 14 тома, на кои постхумно се надоврзува објавниот „Еден ден“.
Токму во расказите може да се најде неверојатно преплетување на теми, материјали, ситуации, перспективи, коишто се наоѓаат во основата на целокупното творештво на Пирандело. Овие раскази сочинуваат „многу мали огледала“ во кои се одразува неговата горчлива визија за животот. По една мака и еден расказ за секој ден.
Овие раскази без редослед и без врамувања, нанижани еден по друг, брзо и директно ја претставуваат најреалната слика на фрагментарноста и на хаосот на постоењето, во која продира остриот поглед на Пирандело, ги истражува вртоглавите длабочини на психата и ја здробува лажната сигурност.
Расказите намерно не се наредени по некој замислен редослед, туку сосема случајно се редат еден по друг, со цел да му се овозможи на читателот да се движи слободно меѓу нив без притоа да биде насочуван од авторот.