Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на книгите:

„Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013, три изданија), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015, три изданија), „Страв од варвари“ (роман, 2018, две изданија) и „Лето во кое те нема“ (роман, 2020, две изданија).

Добитник е на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за романот „Телото во кое треба да се живее“ и на „Европската награда за литература“ за романот „Страв од варвари“.

  • Лето во кое те нема

    „Во однос на универзалните книжевни текови, Андоновски со своите романи го носи големиот свет во македонскиот јазик, промислувајќи го естетски релевантно и актуелно. Она што од една страна е врзаност на авторот со поднебјето, од друга страна се претвора во сензитивна мембрана преку која продираат големите нешта во малата книжевност. Андоновски зафаќа теми кои одамна (или никогаш) не се пишувани кај нас. Другоста, траумите, сексуалноста, престапите, осамите… како ореоли на луѓето од секојдневието. Просторот на делата на Андоновски најчесто не е или само делумно е наш, неговите романи речиси секогаш се населуваат или се поврзуваат со далечното, неодреденото… со морето и синиот бескрај и во оваа негова карактеристика се препознава отскокнување од локалното, но само во поетолошко-филозофска смисла. На тој начин, најнашето станува најсветско или обратното – најсветското станува најнаше. Токму во овој спој на нештата е неговата вистинска вредност и посебност во домашната книжевност“.

    Оливера Ќорвезироска

    280,00 ден
  • Страв од варвари

    Неколку дена по падот на Берлинскиот ѕид, додека цела Европа е во исчекување што е следно, на најјужната точка на Европа постои еден остров каде малкуте луѓе кои останале таму, живеат заборавени од сите. Нив историјата постојано ги одминува, ги одминале и лепрата и гладот, и таман кога ќе помислат дека и овој пат ќе ги одмине историјата, на островот пристигаат тројца странци. Двајца мажи и една жена. И ништо повеќе не е исто.

     

    *Романот е добитник на „Наградата за литература на Европската унија“ за 2020 година.

    250,00 ден
  • Очи со боја на чевли

    „Андоновски покажува огромен книжевен талент да изгради необичен книжевен лик, односно да направи вешта игра на два комплементарни лика, да го прикаже дејството прекршено преку раскажувањето првин на едниот, а потоа на другиот лик, да внесе многу мунициозни детали во раскажувањето, и на крај, ирониски да ја прекрши суровата општествена реалност во позадината на високо естетизираната приказна“.

    Роберт Алаѓозовски, Економија и бизнис

    „Романот на Петар Андоновски е дебитантско изненадување. Иако е првенче, книгата носи зрелост во писателскиот израз каков што не се среќава и кај поискусни писатели. Делото е психолошка новела на тема прогонувач – прогонет раскажана за двете страни“.

    Александра Јуруковска, Дневник

    „Додека читав, имав чувство дека гледам филм. Не знам зошто, но пред очи цело време ми излегуваше приказната за Амели Пулен. Можеби поради начинот на кои се раскажани приказните за Ема и Нестор, но можеби и поради тоа што романот е инспириран од фотографија на Јанаки Манаки, па и самиот произведува слики кај читателот“.

    Ѓоко Здравески, Репер

    150,00 ден
  • Телото во кое треба да се живее

    Во кафезот е темно. Првин и се чини дека е празен, но потоа забележува дека во аголот лежи нешто стуткано. Како што се доближува до кафезот, тоа нешто почнува да и изгледа сè поголемо и поголемо. Се доближува толку блиску до шипките што морници и поминуваат по телото од помислата што може да и се случи. Тоа нештото се поткрева и таа го препознава. Телото и се згрчува од страв. Почнува да ја фаќа паника што ја парализира целосно. Тоа е тој. Тој пред кого очите се отвораат со ужасеност и страв. Тој од кого телото ти го фаќаат такви грчеви што помислуваш дека никогаш повеќе нема да се ослободиш. Таа не е во зоолошка, таа е в затвор. Тој лежи во својата ќелија. Таа се доближува уште поблиску, иако срцето си го чувствува како и чука во петици. Тој ја погледнува право в очи. Првпат нивните погледи се сретнаа. Првпат телата им се толку блиску едно до друго. Само металните шипки ги делат. Тој ја гледа крволочно. Мирисот на крвта што до пред малку го чувствуваше, повторно почна да го чувствува, но овојпат тоа не е крв на некое животно туку нејзина крв. Таа го знае тој мирис.

     

    *Книгата ја доби наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за 2015 година

    150,00 ден