Робер Бадентер (Париз, 1928) e француски адвокат и политичар. Завршил студии по литература и право во Париз. Магистрирал на Универзитетот Колумбија (САД, 1949). Докторирал компаративно право во Париз (1951). Бил адвокат во Апелациониот суд во Париз (1951-1981), министер за правда на Франција (1981-1986) и претседател на Уставниот совет на Франција (1986-1995). Бил и претседател на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија (формирана во 1991), која, под негово претседателствување, констатира дека РМ ги исполнува сите општи и посебни услови за меѓународно признавање. Поради тоа бил прогласен за почесен доктор на правни науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1996).