Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на катедрата по италијански јазик и книжевност.
Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, Или-или, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, Антолог, 2018) јазик.
Преведува и препејува од и на италијански јазик.
-
Писмо за Глорија
Зошто да не се фрли и тој главечки во убедувањето дека може да се развие и едно неексклузивно разбирање за припаѓањето, да се погледне од другата страна на дурбинот, да се размислува за севдоменост, а неговиот дом да биде секаде каде што ќе го насети присуството на Глорија? „Да се вдоми.“ Што ако „се вдоми“ е противречен глагол, чии суптилни синоними се „се самопровинцијализира“, „старее“, „умира“? Домот ризикува да стане комфор, а комфорот секогаш значи смрт. Тоа е бруталната вистина, веројатно: или ќе го пронајдеш својот егзил, или ќе тонеш во дом – во зачмаена провинција. Домот значи припаѓање. Но, во крајна линија, и Ружди се прашува – можеби самата идеја за припаѓање е стапица? А и Бифо го користи истиот збор за да го опише идентитетот: стапица. Глорија, Глорија… по средбата со неа во она бистро спроти болницата, тој се согласува и со едниот и со другиот.
-
Куфер за тројца
Бистра не вели ништо. Како да и е страв од Симона. Како можеше пред малку онака да се смее и да се зеза пред продавница?
Симона не забележува дека ја гледаме.
− Симона… кај ојме?
Насетувам нијанса стравопочит во сопствениот глас.
Ништо. Симона е во транс.
Би и се приближува.
− Симона, на кај идеме?
Симона отсечно ги подраширува очите. Дури и погледнува лево-десно. Не вели ништо.
Нема поим кај одиме.
Кутра девојка. Изгубена е. Во секоја смисла. Вози право, без размислување. Како да сака да избега од куферот.
Како куче на кое му врзале канта на опашката.