„Граница“, нов превод на книга од Капка Касабова
Почитувани,
со особено задоволство Ве информираме дека утре од печат ќе излезе уште еден превод на книга од Капка Касабова. По одличниот прием на „Кон езерото“, овој пат од англиски на македонски јазик, во превод на Бранислав Мирчевски, ви ја „подаруваме“ книгата „Граница“.
Капка Касабова е повеќежанровска писателка. Нејзини најпознати прозни книги се: „Улица без име“ (2008), „Дванаесет минути љубов“ (2013) и книгите од балканската трилогија „Граница“ (2017) „Кон езерото“ (2020) и „Еликсир“ (2023). Таа е родена во Софија во 1973 година, а на 18-годишна возраст емигрирала со семејството во Нов Зеланд, каде што студирала и ги објавила првите поетски книги на aнглиски јазик. Од 2005 година живее во Шкотска.
За книгата, авторката вели:
„Оваа книга ја раскажува приказната за луѓето од последната граница во Европа. Онаму каде што Бугарија, Грција и Турција се доближуваат и оддалечуваат, а границите се токму тоа што се. Тоа е местото каде што Европа почнува, а нешто друго што не е сосем Азија завршува.
Така е географски, но картата ќе те одведе само до одредена точка, a ќе се најдеш во гора од оставината што врие од сенки и живее надвор од времето. Таму завршив и јас. Веројатно сите погранични земји вибрираат со фреквенциите на несвесното; конечно, границите се место каде што материјата се лити. Сепак, оваа погранична област вибрира со еден особенo привлечен тон и е посебна од три причини. Прво, поради незавршените работи од Студената војна; второ, бидејќи оваа област е една од големите дивини на Европа; трето, бидејќи овде се спојуваат континентите уште откако постојат континенти.
Мојата генерација во Источна Европа созреа со падот на Берлинскиот ѕид. Во сенката на оваа граница поминаа моите детски години во Бугарија, во времето на последната фаза на „социјализмот со човечки лик“, како што гласеше несреќниот слоган од тоа време. Така, беше природно патувањето околу границата целосно да ме обземе. Кога си близу до некаква граница, невозможно е да не бидеш обезмен, да не посакаш да ја преминеш или пречекориш. Со самото тоа што си таму, ја добиваш поканата. Ајде, шепне таа, премини преку линијата. Ако се осмелиш. Преминувањето на линијата, дење или под закрилата на ноќта, е страв и надеж истовремено. Некаде те очекува чамџија чие лице не можеш да го видиш. Луѓе умираат преминувајќи граници, а понекогаш и само кога се на чекор до нив. Оние среќните, пак, одново се раѓаат на другата страна“.
Книгата на Касабова е добитник на многу меѓународни награди и досега преведена на преку 20 јазици. За неа рекоа:
„Оваа книга е извонредно лично истражување на граничната област помеѓу Грција, Бугарија и Турција. Писателката со бугарско потекло разговара со ловци на богатство, ботаничари, бегалци, шверцери – за да објави необични, живописни, трогателни човечки приказни. Таа доаѓа до тоа со поетски сензибилитет и новинарска љубопитност. Прекрасна, блескава комбинација“. New Internationalist
„Ова е прекрасна, лична приказна за граничната зона меѓу Бугарија, Турција и Грција, од времето на Османлиите до заканата од Студената војна и пошироко“. Марк Мазовер
„Касабова е одлична писателка која, ослободена од дискурсивните норми, лесно ги преплетува документарното и лирското, доживеаното и замисленото. Таа отворено и без предрасуди им се препушта на зборовите, средбите, приказните и на сопствените емоции, приемчива за секое искуство. Навистина, одамна немам прочитано книга која толку впечатливо ја опфаќа поетиката на еден простор и толку непретенциозно а животно прикажува една исклучително сложена тема, како што е темата на границата“. Катерина Лукетиќ, Критика
„Ова е тажна приказна раскажана на три јазици, а за да не се повтори, луѓето треба да зборуваат – за минатото, сегашноста и иднината“. БНР