„Илина и тајните на Бабин заб“ добитник на наградата „Ванчо Николевски“ на ДПМ

Со радост информираме дека наградата за најдобра книга за деца и млади „Ванчо Николески“ на ДПМ за 2025 година отиде во рацете на Хана Корнети за делото „Илина и тајните на Бабин заб“. Одлуката ја донесе тричленото жири во состав Симона Јованоска (претседател), Искра Донева и Ванчо Полазаревски (членови).

Победничката книга е продолжение на успешната серија за авантурите на Илина, девојче кое низ приказната се соочува со комплексноста на детството, растењето, волшепството и самоспознавањето. Корнети создава двојни светови – обичниот, секојдневниот, светот на Илина на училиште меѓу своите другари и врсници, како и волшебниот, каде Илина учи мудрост, храброст и способност за носење на одлуки.

„Особено впечатлив е начинот на кој авторката ги продлабочува карактерите на ликовите. Илина не е идеализирана хероина, туку реално и човечки прикажан лик со стравови, надежи и желби, девојче што ја сака музиката и преку неа комуницира со блиските, но и со светот“, се вели во образложението на жирито.

„Корнети успева да балансира помеѓу забавата и едукативната вредност на текстот, нудејќи им на младите читатели свет кој е магичен, но и релевантен за реалниот живот. Книгата ги промовира вредностите на пријателството, емпатијата и самопознанието, а истовремено ги поттикнува читателите на критичко размислување и длабоко фантазирање. Наградата ја потврдува значајната улога на Корнети во современата литература за деца и млади, како авторка која умешно создава текстови што се истовремено интригантни, оригинални, вредносни и книжевно извонредни“, се вели во соопштението.

Честитки за Хана, и со нетрпение го очекуваме третото продолжение 😉

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна