Петто издание на романот „Резервен живот“ од Лидија Димковска

Денеска од печат излезе петото издание на „Резервен живот“ од Лидија Димковска, еден од најуспешните и најпреведувани романи во македонската книжевност. По објавувањето во 2012 година, веќе следната година романот ги доби наградите „Стале Попов“ на ДПМ и Европската награда за литература на ЕУ, по што романот е преведен на 11 јазици: англиски, германски, италијански, унгарски, чешки, романски, албански, бугарски, словенечки, хрватски и на српски јазик.

Романот, со гостување на авторката, е претставен во повеќе градови во САД, како и низ Европа, и добива одлични рецензии и убав прием од читателите.

Славната хрватска писателка Дубравка Угрешиќ за романот напиша: „Лидија Димковска го збогатува современиот музеј на книжевни чуда со силни, впечатливи, гротескни, ексцентрични детали и епизоди раскажани во старата добра традиција на романот.“

Одгласите за „Резервен живот“ се бројни:

„’Резервен живот’ спаѓа во најдобрите романи напишани не само во Македонија, туку и на просторите на цела поранешна Југославија во 21 век. Раскажувачкото мајсторство на авторката го остава читателот без здив додека пред нас се нижат години во кои се издигнуваат и се распаѓаат личните животи на јунаците, како и земјата во којашто живееле.“ (Ненад Шапоња)

„Злата и Сребра, сијамски близначки со споени глави, се неверојатни ликови од извонредниот роман на македонската писателка Лидија Димковска.“ (Лори Фитерс, „Ворлд литерчр тудеј“)

„’Резервен живот’ на македонската авторка Лидија Димковска е мој роман-откритие за оваа година. Нема да се двоумам да го споредам со Толстој и неговата ‘Ана Каренина’ – според мерилото на раскажување, според сондирањето на длабочините на душата и според тивката понизност пред трагедијата пред која повремено го спуштаме погледот од страницата и го упатуваме некаде низ прозорецот…“ (Маргарита Бојчева, „Дело“)

„’Резервен живот’ е ретко проникливо дело – и политичко и лично – и со своето маестрално писмо и епскиот дострел со сигурност ќе се втемели како трајно дело во светската книжевност.“ (Наташа Гилмор, „Форворд ривју“)

„Калеидоскопски роман со големо срце.“ („Паблишерс викли“)

Затоа, се радуваме што „Резервен живот“ е повторно достапен за македонските читатели.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна