Промоција на „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска Анѓелков
Драги читатели и пријатели,
на 07 март (вторник) од 19 часот во Салон 19.19 при КИЦ, Ве каниме на промоцијата на новото прозно дело „Луѓето, а не градот“ од Снежана Младеновска Анѓелков посветено на старо Скопје, градот кој веќе го нема, но кој сепак и понатаму живее во сеќавањата на неговите жители.
Низ соодветен визуелен третман надополнет со извадоци од книгата кои ќе ги презентираат актерите Билјана Драгичевиќ-Пројковска и Предраг Павловски, промоцијата ќе понуди и видео-посвета на скопскиот прозен хроничар, писателот Благоја Иванов, кој неодамна не’ напушти.
За новата книга, професорката и писателка Калина Малеска забележа: „Луѓето, а не градот“ е слоевито, хибридно дело, одлично обмислена комбинација од реални животни приказни обликувани низ книжевно-раскажувачка визура, кои се движат низ хронотопот град Скопје во текот на неколку децении. Со тоа, на читателите им се дава фунционален објектив низ кој ги следат трансформациите на урбаниот простор, како и на начинот на живот, менталитетот, навиките, гледиштата на скопските жители од различни маала на градот. Всушност, книгата е еден вид на „Музеј на сеќавањата“, како што се вели и во самиот текст, на скопски маала кои постоеле и веќе ги нема, кои постоеле и сè уште постојат, кои постоеле под едни имиња, а потоа се интегрирале со други населби и имињата останале само во сеќавањата на нивните жители“.
Критичарката и теоретичарката од областа на книжевноста, Соња Стојменска-Елзесер, пак, нагласува: „Мемоари на урбофилија, полифонична хроника, архива на носталгијата, документарна проза, скопски сведоштва, прозно кроки на Скопје, колаж од сеќавања… сите овие одредници укажуваат на тоа дека од многуте документарни предлошки е искомбинирано нешто што легитимно се препознава како постмодерна проза“.
Ве очекуваме!