Промоција на романот од Владо Јаневски

Почитувани читатели,

романот „Кој го уби Едгар Алан По“ кој го објавивме неодамна како 228 издание во едицијата „ПРОаЗА“, во понеделник, на 10 јуни, со почеток во 20 часот, ќе биде промовиран во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Промоторка на книгата ќе биде Анета Тасова, која воедно го напиша и поговорот за делото. Извадоци ќе чита Емилија Тодорова.

Ве очекуваме!

Извадок од романот: 

„Најмногу внимание ми привлече еден црн куфер, вешто сместен во отвор под работната маса на дедо ми. Изгледаше како некој да го направил отворот по мера на куферот. Бидејќи немав многу време, и не знаев кога повторно ќе можам да влезам во работната соба, решив првин да видам што се крие во него. Очекував вредни предмети, чудни направи, загадочни инструменти. За жал, внатре немаше ништо што на прв поглед можеше да ме фасцинира, освен едно позлатено пенкало, прикачено за бележник со црни кожни корици, куп стари хартии и подебел пожолтен плик. Вниманието ми го привлече нечија белешка за содржината на куферот, оставена на чување на дедо ми. Во белешката пишуваше дека во куферот има романи во ракопис, поезија, писма, фотографии и раскази напишани од Кафка.
„Кафка мора да е еден од оние луѓе во главата на дедо ми,“ си реков.
Најдолу имаше нечиј потпис. Од она што го прочитав во белешката, претпоставив дека потписот најверојатно е на Макс Брод. Тогаш си помислив дека Макс и Кафка можеби не биле само во главата на дедо, туку некогаш во минатото живееле некаде на овој свет.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна