Второ издание на романот „Земја на бегалци“ од Кица Колбе

Деновиве од печат излезе второто издание на романот „Земја на бегалци“ од Кица Колбе.

„Овој роман е мојата потрага по изгубеното време, како на Пруст“, вели Колбе, која на величествен начин се навраќа на темата за бегалците, актуелна и во современието кое го живееме.

За книгата која буди емоции, Лидија Димковска напиша: „Романот „Земја на бегалци“ за мене денес е субверзијата на современата македонска книжевност. Стои со уште неколку ретки примероци на современата книжевност како светилник среде море полно со треви, пластични ќеси и лименки. Гледа во земјата на морето, со поглед полн и строгост и тага. Свесен за сѐ. Сам против сите. Страшен. Човек кој влегол во него ќе излезе обележан засекогаш. И крајно доверливо ќе ѝ шепне само на личноста на иста бранова должина со него: Каков светилник! Каков роман! Прво созреј, па потоа влези во него. Или подобро – влези во него за да созрееш. И како писател и како читател“.

Лидија Капушевска-Дракулевска, пак, напиша: „Централна тема е разорната сила на војната и бегството, која не ги остава на мир оние што се спасиле, но напуштиле и изгубиле сѐ, затоа што останале трауматизирани, со чувство на вина, со постојан страв, со чувство на неприпадност. За овие, во светската литература толку актуелни теми, многу малку е пишувано во македонската литература“.

„Земја на бегалци е одбрана на литературата како уметничка пракса која може да го понуди она што не може да го понуди самата историја. Зачувувањето на посебното, индивидуалното човеково искуство кое има поинаква специфична вредност во однос на историјата, затоа што е лично, индивдуално, посебно. „Земја на бегалците“ верува дека личнити приказни на луѓето, згмечени од големите историски настани мора да се раскажуваат и прераскажуваат токму поради тоа што во тие лични, посебни истории го има она што не може да се види во големата слика на историјата“, ја заокружува приказната за овој исклучителен роман Владимир Јанковски.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна