Нова збирка раскази од сјајниот раскажувач Пирандело

Со радост го најавуваме новиот превод, збирката раскази „Амфора“ од сјајниот италијански раскажувач Луиџи Пирандело. По „Гол живот“, во едицијата „ПРОаЗА“ ни пристигна и „Амфора“, во која световите на рурална Сицилија изгледаат волшебно, погледнати низ книжевното огледало на мајсторот на кратката проза. Преводот од италијански на македонски јазик е на Катерина Сотирова.

„Амфора“ е единаесеттата збирка збирка раскази објавена во 1927 година, како дел од големиот издавачки проект насловен „Раскази за една година“, пишувани од Луиџи Пирандело меѓу 1884 година и 1936 година. Заедно со „Декамерон“ на Џовани Бокачо, од кого во извесна смисла се инспирира, (во темата за времето и во намерата реално да се прикаже човечката комедија), несомнено е едно од ремек-делата на италијанскиот расказ.

Како и во другите збирки раскази, и овде поетиката на Пирандело е насочена кон темата на автентичноста и вистината кои постојат само во повеќеобразниот хаос  на животниот тек. Честопати Сицилија е прикажана низ една архаична и фолклорна димензија како земја на митовите и суеверието. Јадрото на расказите на Пирандело го сочинува драматичноста на секојдневието и на приватниот простор којшто од ден во ден го испревртува постоењето на ликовите во нивниот микрокосмос.

Доколку сакате раскази, добитникот на Нобеловата награда во 1934 година е неодминлив дел од светската литература.

0
    0
    Кошничка
    Вашата кошничка е празна